– Јунската програма на Кинотеката, во својата целина, претставува доказ дека македонскиот филм поседува континуитет, авторска разновидност и историска длабочина. Од поетскиот документаризам на Анте Поповски и Столе Попов, преку модернистичките и политички драми од втората половина на 20 век, па сè до современите урбани приказни, оваа програма ја прикажува македонската кинематографија како жив организам што постојано се преиспитува самиот себеси, велат од Кинотеката на Македонија
Јунската програма на Кинотека на Македонија има особено значење за љубителите на филмската уметност бидејќи воспоставува мост помеѓу различни генерации македонски автори – од класичниот модернизам и социјалниот реализам на шеесеттите и седумдесеттите години, па сè до современите урбани и посттранзициски филмски гласови. Во исто време, отвора и прашања за идентитетот, егзилот, меморијата, распаѓањето на колективните митологии, но и за можноста филмот и понатаму да биде простор на отпор и човечност.
Вечерва (10 јуни) на програмата е „Убиј ги прво децата“ од Димитар Оровчанец, филм што внесува нова енергија во македонската кинематографија преку комбинација на црн хумор, урбана параноја и криминална фарса. Неговата приказна за млади луѓе изгубени во криминалното подземје на Скопје ја рефлектира современата генерациска дезориентираност, но и чувството дека градот станува лавиринт без излез. Утревечер (11 јуни), пак, ќе може да го проследи филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, но месецов ќе можеме да видиме уште едно негово остварување, „Мајки“, кој е на репертоарот на 30 јуни.

Веќе в петок (12 јуни) на програмата е „Се случи една ноќ“ на Френк Капра од 1934 година. Ова е една од најпознатите и највлијателни романтични комедии во историјата на Холивуд, вистински класик на холивудската златна ера.
На 13 јуни, публиката ќе може да го види филмот „Војната заврши“ на Митко Панов, интимна приказна која го отсликува искуството на сите иселеници во ера на глобализација. Филмот поставува прашања како и може ли добриот човек да издржи притисоци на војна, егзил и депортација и ќе биде ли во можност повторно да го изгради својот живот во странство?…
Современата македонска реалност се рефлектира во филмовите „Година на мајмунот“ (15 јуни), „Лена и Владимир“ (16 јуни) и „Снежана, на крајот, умира“ (29 јуни).
–Во нив доминира чувството на осаменост, транзициска безизлезност и емотивна фрагментација. Но, токму преку тие теми, овие филмови создаваат и нов филмски јазик – помирен, посуптилен и интимен, посочуваат од Кинотеката.
Добропознатото остварување „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, студиски филм, реализиран во постмодернистички манир, кој со многу пародија, преку матрицата на театарска претстава ја раскажува приказната за крајот на владеењето на Отоманскиот султанат на Балканот, е на програмата на 17 јуни.
Документарниот филм „Враќање во иднина и паралелните светови во кинематографијата“ (18 јуни), пак, ги води гледачите на информативно патување низ историјата на научната фантастика во кинематографијата, започнувајќи со пионерскиот филм на Жорж Мелиес од 1902 година, „Патување до месечината“, па сè до со уметнички признаениот мултиверзумски еп „Сè во исто време“.
Ќе бидат одбележани и 30 години од филмот „Самоуништување“ (19 јуни), на Ербил Алтанај, урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести во кое било време и место.
Инаку, публиката имаше можност на самиот почеток на месецот да се потсети и на филмовите „Ах, љубов моја“ на Коле Ангеловски, филм кој низ мелодрамска и комична структура говори за љубовта, славата и осаменоста, како и класикот „Три Ани“ на Бранко Бауер, едно од најчувствителните дела на филмскиот хуманизам. Филмскиот омаж посветен на 95 години од раѓањето на Анте Поповски, како дел од јунската програма (на почетокот на јуни), имаше особено значење не само како оддавање почит кон еден од најголемите македонски поети туку и како потсетување на неговото огромно влијание врз македонскиот филм. Беа проектирани првиот македонски кандидат за „Оскар“, документарниот филм „Дае“ од 1979 г. на режисерот Столе Попов и играниот филм „Планината на гневот“ од 1968 г., на Љубиша Георгиевски, обата работени по сценарија на Анте Поповски, како и кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.
Во летното кино на Кинотеката, на отворено, можеа да се видат долгометражните „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Анте Поповски се јавува како продуцент, односно тогашен директор на продуцентската куќа „Вардар филм“. Филмскиот омаж заврши со проекција на портретите на венцоносците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Анте Поповски.
Филмската публика имаше можност на 8 и 9 јуни да ги види и „Медена ноќ“ од Иво Трајков и „Ефектот на среќата“.
– Јунската програма на Кинотеката, во својата целина, претставува доказ дека македонскиот филм поседува континуитет, авторска разновидност и историска длабочина. Од поетскиот документаризам на Анте Поповски и Столе Попов, преку модернистичките и политички драми од втората половина на 20 век, па сè до современите урбани приказни, оваа програма ја прикажува македонската кинематографија како жив организам што постојано се преиспитува самиот себеси, велат од Кинотеката на Македонија.












