Во хрватскиот град Самобор, и оваа година, се одржа традиционалната манифестација „Рацинов ден – Бијела свитања“, во организација на Заедницата на Македонците во Хрватска и на Македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб.
Културната програма по повод 87-годишнината од објавувањето на збирката поезија на Кочо Рацин „Бели мугри“ или „Бијела свитања“ се одржа оваа сабота, 28 ноември, во музејот „Самобор“, а почна во 14:00 часот со положување венци и цвеќиња пред бистата на македонскиот поет Коча Рацин, роден како Коста Солев Апостолов, во паркот до зградата на музејот. Меѓу другите, венецот го положија амбасадорот на Република Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, а во име на Градот Самобор – претседателот на Градскиот совет, Лука Бишќан.
„Бели мугри“ е единствената самостојна збирка песни на Кочо Рацин, објавена во Загреб, во 1939 година, а илегално печатена во печатницата „Шпулер“ во Самобор. Содржи 23 песни што имале значајно влијание врз македонската поезија и воспоставуваниот македонски поетски модернизам. Тие се песни на речиси стандарден македонски јазик и се карактеризираат со метафорични и стихотворни решенија претходно непознати во социјалниот и во критичкиот реализам. Копија од оригиналното издание сè уште се чува во музејот во Самобор.
За оваа година, професорката Искра Тасевска Хаџи-Бошкова одржа предавање за животот и делото на Рацин. Потоа беше презентирана книгата „Кочо Рацин, проза и публицизам“, по што беше изведен поетски рецитал од учениците што посетуваат часови по македонски јазик според моделот Ц во Хрватска, како и од членовите на литературно-драмската група „Ленка“ и учесниците на работилницата по македонски јазик за возрасни.
Програмата, предводена од професорката Ивана Брезовец, вклучи и доделување на наградите на третиот поетски натпревар „Рацин во моите очи“, а на крајот настапи пејачката група „Моми бисерни“, предводена од Сафиудин Алимоски.
Денот на Рацин се слави секоја година за да се одбележат културните врски меѓу Хрватска и Македонија и пријателството меѓу Самобор, каде што е отпечатена збирката, и Велес, родниот град на поетот, со кој Самобор е официјално збратимен град. (Љ. А.)












