„Сè што ни е заедничко: животните не се таму некаде“, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова, е меѓународната изложба што утре (28 ноември) со почеток во 13:00 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје.

Изложбата го насочува вниманието кон животните со кои ги споделуваме нашите средини, историја и иднина, но чии животи најчесто остануваат на маргините на човечките внимание, грижа и одговорност. Преку дела на меѓународни и на македонски уметници, таа отвора прашања за односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, за насилството и експлоатацијата, но и за можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.

– Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници. Начинот на кој се однесуваме кон нив открива многу за тоа како ги разбираме грижата, солидарноста и одговорноста. Затоа изложбата не е само за животните туку и за нас самите, за границите на нашата емпатија и за можноста да замислиме поинакви односи на заедничко живеење – истакнуваат Мира Гаќина и Јованка Попова, кураторките на изложбата.

Иако изложбата се занимава со глобални еколошки и политички прашања, нејзината појдовна точка е и непосредната реалност во Македонија.

Бројните бездомни кучиња и другите животни на улиците на Скопје се дел од секојдневието на градот, но истовремено се изложени на занемарување, насилство, труење и на убивање. Нивното присуство ги прави видливи противречностите во односот на општеството кон животните: од една страна, тие се дел од нашата заедничка урбана средина, а, од друга, нивното постоење често се третира како проблем што треба да се отстрани.

Оттука изложбата отвора прашања што ги надминуваат рамките на заштитата и благосостојбата на животните. Таа ги преиспитува институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството, но и начините на кои одлучуваме чии животи заслужуваат заштита, а чии остануваат незабележани.

– За нас е важно изложбата да не остане само простор во кој зборуваме за грижата туку да биде и повод да се практикува таа. Музејот веќе се грижеше за две кучиња, што е мал, но значаен пример за тоа како може да развива институцијата однос на одговорноста кон другите живи суштества. Со соработката со организациите што секојдневно се посветени на заштитата на животните, сакаме да ја прошириме таа практика и заеднички да помогнеме таму каде што е најпотребна помошта. Нашата желба е да не заврши ова со изложбата, туку да стане долгорочна форма на соработка и институционална грижа – додаваат кураторките.

Изложбата обединува 20-мина уметници и автори од земјата и од странство, кои преку различни уметнички медиуми ги истражуваат односите меѓу човекот и другите видови. Меѓу учесниците се: Аби Палмер, Ахмет Огут, Гал Кирн, Дритон Селмани, Ѓорѓе Јовановиќ, Јане Чаловски, Кикуја Сатоши, Марија Цагкари и Христина Иваноска. Изложуваат и Елене Глонти, Изабела Левенска-Миљаниќ, Илија Прокопиев, Клелија Живковиќ, Крсто Глигорјадис, Маурицио Гати, Немања Миленковиќ, Оља Триашка-Стефановиќ, Осама Затар, Роман Селим Кередин и Ченг Синхао.

Отворањето на изложбата, која е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, ќе биде проследено со диџеј-сет на Нино Наумов.

 

ИЗДВОЕНИ