Меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ во најновиот извештај за Македонија ја нагласува важноста на кредибилната и континуирана монетарна политика, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор за одржување на макроекономската стабилност.
Според агенцијата, долгорочната посветеност на одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува значаен фактор за економската стабилност. „Фич“ оценува и дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.
Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка во јуни 2026 година ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени, на 4,25 %. Според податоците наведени во извештајот, просечната инфлација во периодот јануари-август 2026 година изнесува 3,7 %. Меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења се посочуваат повисоките цени на енергијата, зголемените трошоци за труд и кредитната активност.
„Фич“ го оценува и банкарскиот сектор како стабилен и добро капитализиран, со солидна ликвидност и отпорност. Во вториот квартал од 2026 година, адекватноста на капиталот на банките достигнала 19,5 %, додека нефункционалните кредити изнесуваат околу 2 %.












