Почна замената на водоводната, канализациската мрежа, како и на сите инсталации кои поминуваат низ стариот Камен мост во Штип.
По нивната замена ќе почне и реконструкцијата на мостот на река Брегалница, кој меѓу штипјани е познат и како Султанов мост.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека станува збор за мост, кој е културно богатство на градот Штип и кој заслужува да биде соодветно реставриран, за да се истакне историската вредност што ја има.
– Во моментов се работи на промена на старите инсталации кои се наоѓаат на самиот мост, а веднаш по завршувањето ќе се продолжи со негова реставрација, третирање, осветлување, со цел да ја добие автентичноста, автентичниот изглед, но и да биде соодветно третиран – вели Јорданов.
Тој додаде дека влегувањето во поголемите градежни зафати ќе зависи и од тоа кога ќе заврши целосната реконструкција на мостот на река Брегалница кај „Македонија пат“.
Општина Штип, за градежните активности кои во моментов се извршуваат, издвои осум милиони денари.












