недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Бура и лизгање на земјиштето носат сè пред себе: Најмалку 19 загинати...

Бура и лизгање на земјиштето носат сè пред себе: Најмалку 19 загинати во Индија и Непал

13
EPA/NARENDRA SHRESTHA

Обилните врнежи и силните бури предизвикаа поплави и свлечишта во делови од Индија и Непал, при што досега се пријавени најмалку 19 загинати, додека 10 работници во Непал се водат како исчезнати.

Во индиската сојузна држава Утар Прадеш, во последните 48 часа загинале 15 лица, а петмина се повредени. Оштетени се и 117 куќи. Невремето зафатило 63 области, а во период од 24 часа биле измерени врнежи 19 пати поголеми од вообичаеното количество.

Во Непал, четири лица, меѓу кои три деца и една жена, загинале откако свлечиште ја затрупало нивната куќа додека спиеле во селото Ниши Кола, во округот Баглунг.

Дополнително, 10 работници исчезнале откако лавина го затрупала базниот камп на Химлунг Химал, висок 7.126 метри, во северниот округ Мананг. Работниците поставувале шатори за странски алпинисти, кои не биле присутни во моментот на несреќата.

Непалските власти предупредиле на опасност од ненадејни поплави во 49 од вкупно 77 области. Нивото на водата во повеќе реки и нивните притоки продолжува да расте, а повеќе од половина од земјата се соочува со висок ризик од поплави.

Поплавите на реката Рахуганга оштетиле делови од далноводот на хидроцентрала со капацитет од 40 мегавати. На терен е испратен технички тим за процена на штетата и санација.

Во Индија, 30 мерни станици на реките во седум сојузни држави се во критична состојба. Неколку големи реки, меѓу кои Ганг, Гандак, Коси, Багмати и Нармада, го надминале опасното ниво.

Невремето предизвикало проблеми и со телекомуникациите во делови од Непал, откако биле оштетени оптички кабли и електричната инфраструктура.

ИЗДВОЕНИ