Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја претстави делегацијата која ќе нè претставува на Медитеранските игри во Таранто (Италија) што ќе се одржат од 21 август до 3 септември годинава

Македонската делегација во Таранто, Италија, ќе брои 130 члена, од кои 88 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 19 од вкупно 33 спортови. Ова е најброен македонски состав досега на Медитерански игри.

За подготовките, очекувањата и амбициите пред настапите говореа дел од спортистите, како и претседателот на МОК, Даниел Димевски.

– Одиме максимално подготвени на Медитеранските игри во Таранто. Олимпискиот комитет направи сè што може за да ја поддржи нашата делегација, одиме со чартер лет, а обезбедивме и нова опрема за спортистите… Но, овој пат одиме многу поподготвени, бидејќи првпат ангажиравме и психолог, кој работеше со сите спортисти пред почетокот на Игрите, а ќе биде со нас и за време на целото натпреварување во Таранто. Оваа година се потрудивме да бидеме посвежи и повторно ги вративме нашите национални бои на опремата, каде што доминира црвената, а имаме и ново лого кое ги содржи сите национални идентитетски обележја и сметам дека отсега натаму лесно ќе бидеме препознаени и идентификувани, што практично е и нашата цел. Но, мораме да кажам дека овој пат, исто така, одиме во најброен состав досега на Медитеранските игри и кога ќе се погледне нашата делегација, се гледа дека има тежина, вели Димевски.

Наш најголем фаворит за медал е Дејан Георгиевски – олимписки медалист од Токио.

– Голема благодарност за поддршката, зашто на нас, спортистите, тоа многу ни значи. За мене лично ова се трети Медитерански игри, имам освоено бронза, сребро, а се надевам дека сега ќе го освојам и златниот медал. Верувам во сите наши спортисти бидејќи претходно се докажавме, имаме медали од европско и од светско првенство, а и од Медитеранските игри секогаш сме се враќале со медали. Верувам во оваа екипа и сакам да им дадам поддршка и да им посакам спортска среќа со цел да донесеме повеќе медали од Медитеранските игри, истакна сребрениот олимпиец од Игрите во Токио.

Од името на спортистите, за добиените услови и опрема од страна на МОК се заблагодари капитенката на сениорската одбојкарска репрезентација, Емилија Поп Јордановска.

Сакам да изразам голема благодарност до Македонскиот олимписки комитет за можноста да учествуваме на Медитеранските игри, како и за целата опрема и логистика. Благодарност и до нашата национална федерација која ни овозможи услови за подготовките за овој настан. Се работи за тринеделен тренажен процес, каде што работевме посветено, и се надевам дека ќе ја израдуваме македонската јавност со што повеќе победи на Игрите. Ова е наше второ учество на Медитеранските игри и сме многу помотивирани за остварување на добар резултат, кажа Јорданова.

Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, но овој пат целта е да го урне рекордот и по бројот на освоени одличија на ова натпреварување. (С. Т)

ИЗДВОЕНИ