Театарската претставата „Уна“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на театарот „Звездара“ од Белград, вчеравечер беше одиграна на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а маестралната актерска изведба присутната публика ја награди со громогласен аплауз. Претставата по текст на истоимениот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица, се одржа во рамките на „Охридско лето“.

„Уна“ е претстава за човечките односи, за влијанието на минатото врз сегашноста и за тоа како едно единствено сеќавање може да го обликува целиот човечки живот. Во време кога технологијата и социјалната пропаганда го преплавуваат секојдневниот живот, кога е тешко да се зачува искрена и длабока врска, оваа интроспективна и емотивна драма потсети на важноста на зачувувањето на автентичноста и искреноста.

Според романот „Уна“ на Капор е направен филм во осумдесеттите години на минатиот век, но никогаш досега не е работена театарска претстава, што за големиот македонски режисер Дејан Пројковски, како што вели самиот тој, било голем предизвик.

– Претставата зборува за борбата на човекот и за подготвеноста да ја плати цената за да се избори за личната слобода и од друга страна, љубовта како една голема и вечна тема, љубовта што живее во овие општествени и морални рамки, но, всушност, во тие рамки го бара својот бескрај и своето небо, љубовта што за двајцата, за Мишел и за Уна, е како едно патување низ нивните души. Всушност, тие се обидуваат космосот или сопствениот бескрај да го пронајдат некаде длабоко во себе. Претставата, на крајот, завршува со познатите стихови од романот што останува по љубовта. Тоа е се темите, борбата на индивидуалецот и љубовта помеѓу две човечки суштества кои не одговараат по сижеата на сите светски љубовни приказни, вели режисерот Пројковски, кој со години бележи успеси како на домашната, така и на меѓународната театарска сцена. Целата претстава се одвиваше во една трагикомична линија како што е, всушност, и човечкиот живот.

Никола Ристановски, кој го играше главниот лик –  универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, уште еднаш потврди дека е суверен на сцената, играјќи со длабока, сугестивна и прецизна сценска игра.

Во актерската екипа беа и Магдалена Мијатовиќ во улога на студентката Уна, Сена Ќоровиќ како Олга – сопругата на професорот Бабиќ и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ.

Сценографијата на Валентин Светозарев беше посебно интересна, динамична и во складност со промените на тематскиот фокус. Музиката на Горан Трајковски  автентично  ја долови атмосферата на љубовната и политичката опиеност, а костимите на Ивана Ристиќ  беа соодветни за реалистичната поставка на ликовите.

„Звездара“ е еден од најреномираните и најкултни театри од поранешните југословенски простори, основан во 1984 година, чиј основач, но и директор од 1998 година до денес е големиот драмски писател, Душан Ковачевиќ.

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ