Foto: vfmkd.org.mk

Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, понуди голема борба и силен отпор против актуелниот светски вицешампион Бугарија, на отворањето на ЕвроВолеј 2026 во полната Арена „8888“ во Софија, но загуби во три сета со 17:25, 19:25, 18:25.

Имавме одговор за ривалот, на моменти имавме и контрола на резултатот, но за жал не успеавме комплетно да го скротиме нивниот силен сервис и цврстиот блок.

Одлично отворивме со водство од 2:0, односно 5:3, а егал се држевме до 16:15 во првиот сет. Но Бугарите нападнаа со силен сервис, потоа се надоврза и блокот, а заедно со техничките грешки во нашите редови домаќинот го освои сетот со 17:25.

Во вториот сет Македонија повторно делуваше сигурна. Имавме и добра игра на мрежа, проработе блокот и отворивме со водство од 8:5. Бугарија успеја да се врати, изедначи на 8:8, а поен за поен игравме до 18:18. Со серија од 0:6 во финишот Бугарија стигна до водство од два сета, 19:25.

Третиот сет противникот го започна со водство од 3:5, но со серија на Александар Љафтов нашата репрезентација направи низа од пет поени за предност од 7:5, за нова битка поен за поен. Во игра се држевме до 13:13, а потоа Бугарија направи серија од 7:0 (20:13), односно со 25:18 дојде до максимална победа.

Кај Македонија, капитенот Никола Ѓоргиев освои девет поени, Александар Љафтов и Филип Савовски имаа по пет поени, додека Филип Маџунков запиша четири, а Стојан Илиев три поени.

Македонија во второто коло од групата Б ќе игра против Украина.

 

ИЗДВОЕНИ