Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во Вашингтон, на глобалниот економски форум „Transforming Transportation 2026“ организиран од Светската банка, истакна дека Македонија реализира огромен инвестициски циклус од неколку милијарди евра за развој и модернизација на клучните коридори 8 и 10.
Во своето обраќање на министерскиот состанок, Николоски потенцира дека земјата ја искористува својата геостратешка позиција каде се сечат двата пан-европски коридори.
– Коридорот 10 го поврзува југот со северот на Европа, додека Коридорот 8 оди од Албанија до пристаништето Одеса и се смета за втор најважен безбедносен коридор за НАТО. Нашите инвестиции го комбинираат економскиот раст со зголемена безбедност и отвораат нови можности за развој на бизнисот покрај коридорите“ – рече Николоски.
Тој ги презентираше капиталните инфраструктурни проекти што се во тек: изградба и модернизација на автопатските делници, изградба на брза пруга на Коридор 10 која ќе овозможува брзина до 200 км/ч за патнички и 120 км/ч за товарен сообраќај, железничко поврзување на Коридор 8 со поддршка од ЕУ и банки, како и модернизација на граничните премини со Албанија и Бугарија. Дополнително, се развива проект за нов едношалтерски систем на Царината, кој ќе го забрза товарниот сообраќај и ќе ја зголеми ефикасноста.
– Ги отворивме можностите за зголемување на партнерството со Светската банка во поддршка на клучни развојни проекти во земјата. Заедничката соработка носи долгорочен раст и ја зголемува конкурентноста на Македонија. Очекуваме нови проекти кои ќе го подигнат локалниот економски развој и квалитетот на живот на граѓаните – додаде Николоски.
Вицепремиерот истакна дека инвестициите во инфраструктурата и транспортот ќе создадат нови работни места и ќе ја зајакнат довербата на меѓународните инвеститори, додека близината до пристаништата во Југоисточна Европа ја позиционира Македонија како клучна точка за регионалната транспортна и економска инфраструктура.












