Од 16 до 22 март 2026 година, 14. пат по ред, Народната банка, во соработка со Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како и асоцијации и институции од приватниот и од граѓанскиот сектор, ќе ја одбележат Глобалната недела на парите.
Годинашната тема е „Разговори за паметно управување со парите“ (Smart money talks), а активностите се насочени кон различни возрасни групи – од учениците во основните и средните училишта до студентите. Предвидени се трибини, работилници со физичко присуство или онлајн, објавување едукативни материјали на интернет-страниците и на социјалните мрежи, како и интерактивни квизови за проверка на финансиското знаење.
Во соработка со Сојузот на средношколци, ќе биде одржана трибина за средношколците под мотото „Паметно со парите – зборувај, размислувај, одлучувај“. Народната банка ќе го поддржи и учеството на младите на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, кој се одржува паралелно со глобалната иницијатива.
Од 2012 година, кога Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја започна Глобалната недела на парите, настанот се одбележува во повеќе од 176 земји, со вклученост на 32.000 организации и над 71 милион деца и млади. Целта е да се зајакне свеста кај младите за важноста на финансиската писменост и да се развијат знаења, вештини и ставови за носење разумни финансиски одлуки и за градење финансиска отпорност.












