Македонија ја претстави својата стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за периодот 2026–2046 година на меѓународната конференција DIM-ESEE 2026 во Загреб, каде што беше договорена и соработка за развој на геотермалните ресурси. На конференцијата, одржана од 21 до 23 октомври, учествуваше државниот советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Филип Петровски, кој ги презентираше стратешките приоритети на државата во областа на геологијата и рударството.
Стратегијата предвидува модернизација и дигитализација на геолошките податоци, подобрување на инвестициската клима и одржливо управување со минералните ресурси, со примена на современи технологии и високи еколошки стандарди. Петровски учествуваше и на панел-дискусија за геополитичкото и геоекономското значење на минералните ресурси во Југоисточна Европа, со посебен акцент на критичните суровини неопходни за енергетската и индустриската транзиција.
Значаен резултат од посетата е договорената институционална соработка со Рударско-геолошко-нафтениот факултет при Универзитетот во Загреб, вклучително и подготовка на проектна апликација за програмата „Хоризонт Европа“, насочена кон истражување на геотермалната енергија. Разменетите искуства ќе придонесат и за подготовката на новите закони за рударство и геологија, со цел усогласување со европските стандарди и развој на конкурентен и одржлив сектор.












