Македонија има значаен економски потенцијал во знаењето, идеите и претприемачкиот дух на своите граѓани, беше истакнато денеска на првиот Глобален форум за трговија и економски раст, кој се одржа во Скопје. Учесниците порачаа дека земјата треба поактивно да ги искористи домашните капацитети и да создава производи и услуги што ќе бидат препознаени на меѓународните пазари.
Под мотото „Локална сила, глобално влијание“, форумот има цел да го поттикне дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор и да ги приближи меѓународните искуства, особено швајцарските, до домашната бизнис-заедница.
Генералната директорка на МСЦ Македонија и потпретседателка на „Свис чем“ во земјава, Сања Радовановиќ, нагласи дека поврзаноста со светските пазари е предуслов за трговија, конкурентност и економски раст. Таа посочи дека македонските производи веќе се присутни на глобалните пазари, но постојат можности за дополнително зголемување на извозот и инвестициите.
Претседателката на „Свис чем“, Соња Стефановска, оцени дека Македонија располага со талентирани луѓе и амбициозни компании, посочувајќи ја Швајцарија како пример за градење глобална конкурентност преку иновации, стабилни институции и квалитет.
На форумот се дискутираше за трговијата, логистиката, инфраструктурата, извозната конкурентност и дигиталната трансформација. Настанот се организира со поддршка на Швајцарија и нејзините развојни и економски програми.












