среда, јули 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мајка на малолетни деца спречена во обид да прошверцува дрога во табла...

Мајка на малолетни деца спречена во обид да прошверцува дрога во табла со јајца во затворот Идризово

751

Дваесет и петгодишна жена е под истрага откако се обидела да внесе марихуана и кокаин во затворот „Идризово“, криејќи ја дрогата во табли со јајца наменети за посета на нејзиниот сопруг, кој издржува затворска казна.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираа дека против неа е донесена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Според истрагата, на 20 мај осомничената пристигнала во КПУ „Идризово“ во посета на сопругот и со себе носела две табли за јајца во кои на прв поглед имало вкупно 60 јајца. Сепак, при скенирање и дополнителна рачна контрола, затворските служби откриле дека 28 од јајцата биле преправени и во нив имало скриени пакувања со дрога.

При проверката биле пронајдени вкупно 318,62 грама марихуана и 142,2 грама кокаин.

Јавниот обвинител, имајќи ги предвид тежината на делото, опасноста од бегство и можноста за повторување на кривичното дело, до судијата на претходна постапка предложил мерка куќен притвор. Како олеснителна околност е земено предвид тоа што осомничената е мајка на малолетни деца, меѓу кои и петмесечно бебе.

ИЗДВОЕНИ