Македонското МНР реагираше на изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, и на амбасадорот во земјава, Желјазко Радуков, оценувајќи ги како провокативни и како мешање во внатрешните работи на државата. Повод за дипломатската реакција е случајот со Ива Михаилова, која избега од Македонија во Бугарија и покрај судската постапка што се води против неа. Особено внимание предизвика изјавата на Демерџиев дека Бугарија нема да им ја предаде „на српските власти“, како и сомнежите на Радуков за околностите во кои таа ја напуштила земјата. Скопје предупреди дека ваквите настапи може да доведат до институционална реакција согласно со Виенската конвенција за дипломатски односи, но засега македонската дипломатија не прецизираше какви конкретни мерки би можеле да следуваат
„СРПСКИТЕ ВЛАСТИ“ И ИЗЈАВИТЕ НА РАДУКОВ ЗА СЛУЧАЈОТ „МИХАИЛОВА“ ја заострија реториката со Бугарија
Случајот со Ива Михаилова од судница се префрли на дипломатски терен откако обвинетата за сообраќајна несреќа со смртни последици наместо да се јави во кочанската полиција, ја напушти Македонија и замина во Бугарија, чие државјанство го поседува. Од македонското МНР соопштија дека повикале претставник на бугарската амбасада во земјава, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи и изразиле незадоволство од изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, и на амбасадорот Желјазко Радуков.
– На средбата беше изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михаилова, која беше оценета како навредлива и провокативна. Воедно, беше изразено незадоволство и од изјавата на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ, која ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции. Од наша страна беше особено нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација – стои во соопштението од македонското Министерство.
Од МНР додаваат дека во тој контекст било укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием.
Членот 9 од Виенската конвенција предвидува дека во ваков случај Македонија би можела да го прогласи амбасадорот или друг дипломат за персона нон грата (непожелна личност) и да побара негово отповикување, но македонското МНР конкретно не посочува на таа опција. Сепак, формулацијата дека „може да наметне потреба од соодветна институционална реакција“ е предупредување дека се разгледуваат или се оставаат отворени можни понатамошни чекори, без да се прецизира кои. Сепак, со повикувањето на Виенската конвенција, македонското МНР испрати предупредување дека доколку продолжат спорните дипломатски настапи, може да следуваат и поконкретни мерки.
– На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебното почитување, довербата и европските принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна – велат од македонското МНР.
Реакцијата следува откако бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, неодамна, во интервју зборуваше за случајот со Ива Михаилова и за можноста таа да биде екстрадирана во земјава, каде што се соочува со судска постапка. Демерџиев изјави дека бугарските власти добиле барање за нејзина екстрадиција, но дека одговорот бил негативен. Во тој контекст, тој рече дека Бугарија нема да ја предаде Михаилова, која има бугарско државјанство.
Контроверзии предизвика неговата формулација дека Бугарија нема да им ја предаде „на српските власти“, иако се станува збор за македонските институции. На дополнително прашање дали направил ненамерна грешка, Демерџиев призна дека погрешил, но додаде дека тоа не било „толку голема грешка“.
Бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, пак, во интервју за БТВ изрази сомнеж дека властите во Македонија не знаеле за заминувањето на Ива Михаилова од земјата. Тој посочи дека бугарската амбасада дознала за нејзиното заминување од медиумите, а како аргумент за своите сомнежи ги наведе претходните мерки за кои тврдеше дека биле преземени кон Михаилова: одземени патни исправи, ставање на стоп-листата и полициско присуство во близина на нејзиниот дом.
На прашањето дали е можно да се случило заминувањето без знаење на македонските власти, Радуков одговори:
– Не можам да го тврдам тоа, но би бил исклучително изненаден ако не било усогласено.
Амбасадорот дополнително го критикуваше начинот на кој бил третиран случајот, оценувајќи дека тој од хуманитарно прашање прераснал во политички спор. Во своите настапи тој ја доведе во прашање и довербата во македонскиот правосуден систем, повикувајќи се на ниското ниво на доверба во институциите.
Во меѓувреме, остануваат неодговорени прашањата како ја преминала Михаилова границата и зошто не евидентирал системот на македонските гранични служби нејзино легално излегување од земјата.
Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, под неразјаснети околности ја напушти Македонија и замина за Бугарија, каде што беше проследено нејзиното пристигнување со позитивни реакции од дел од бугарските медиуми и политички чинители, со што случајот доби и поширока политичка и меѓудржавна димензија.
Таа избега во Бугарија во период кога по дипломатски пат шефовите на дипломатиите на двете земји договорија бугарски лекари да дојдат во Македонија за да ја проценат нејзината здравствена состојба. Михаилова тврди дека ја преминала границата легално, со лична карта, но Министерството за внатрешни работи соопшти дека во системот за гранична контрола нема евиденција за нејзино легално излегување од државата. (В. С. Н.)












