понеделник, октомври 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Деца со алкохол на маса, 19 кривични за кафеанџии

Деца со алкохол на маса, 19 кривични за кафеанџии

0

Малолетници во угостителски објекти по полноќ и точење алкохол на деца – ова станува акутен проблем во земјава, што се потврдува со полициските контроли во ноќните локали. Во првите шест месеци од годинава, во угостителски објекти и во ноќни барови биле затечени 157 деца, а Министерството за внатрешни работи регистрирало 19 кривични дела за точење алкохолни пијалаци на деца, извршени од 24 лица. Ова се податоците што ги достави МВР во одговор на прашањата на весникот ВЕЧЕР за тоа колку малолетници се затекуваат во доцните ноќни часови на јавни места и во угостителски објекти, дали се под дејство на алкохол и како постапува полицијата кога ќе затече дете без придружба по полноќ.

– Во првите шест месеци од 2026 година, во рамките на редовното работење, како и на акциските контроли со други надлежни институции, беа спроведени вкупно 1.981 контрола во 7.123 угостителски објекти и ноќни барови, а во насока на превентивно делување и намалување на присуството, точењето и продавањето алкохол на деца во угостителските објекти. Во објектите беа затечени 157 деца, а во рамките на преземените мерки се регистрирани 88 прекршоци овозможување присуство на деца во објекти за забава од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и 19 кривични дела точење алкохолни пијалаци на дете, извршени од 24 лица, од кои 17 физички и седум правни лица – наведуваат од МВР за весникот ВЕЧЕР.

Податоците се однесуваат на првите шест месеци од годинава и на контролите во угостителски објекти и во ноќни барови. Од нив не може да се утврди дека неделно биле затекувани по шест деца во кафулињата.

Дополнителна слика за состојбата дава и последната акциска контрола на МВР, спроведена ноќта меѓу 17 и 18 октомври, во 66 угостителски објекти и казина, во координација со надлежните инспекциски служби. Според полициското соопштение, во еден објект биле затечени четири малолетни лица по 24:00 часот, а во два објекти било констатирано точење алкохол на малолетници. Во рамките на акцијата, едно лице било приведено поради одбивање да се легитимира, а тројца странски државјани поради нерегулиран престој во државава.

Контролите откриле и низа други неправилности. Во еден локал било затечено лице што вршело обезбедување без лиценца и легитимација, а биле изречени и три глоби за прекршување на Законот за заштита од пушење. ОВР Кичево извршил претрес на локација на која незаконски се приредувале игри на среќа, при што биле затечени две лица и биле одземени предмети поврзани со случајот. Во акцијата учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство. Нивните служби утврдиле неправилности поврзани со непријавени работници, работење без потребни одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност, промет во девизи и недостатоци во хигиенските услови и во противпожарната заштита.

Дали малолетниците, особено децата, треба да остануваат по полноќ е прашање и на семејните вредности, сметаат социолозите. Од правосудните органи информираат дека нема временско ограничување на движењето на малолетниците сè додека не направат инцидент, најчесто да влезат во тепачка или да бидат затечени од полицијата со алкохол.

– Во услови на инциденти во кои учествуваат деца и млади, важно е да се знае и како постапува полицијата кога ќе биде затечен малолетник сам на јавно место по полноќ, дали се известуваат родителите и во кои случаи се вклучуваат надлежните служби за заштита на децата. Сепак, најголемата одговорност е кај родителите – велат социолозите за нашата редакција. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ