Новата седмица ширум Балканскиот Полуостров ќе започне без врнежи и со стабилно време, меѓутоа, под влијание на циклонска активност со центар над Џенова, веќе од среда (21 октомври) атмосферата над Балканот значително ќе се дестабилизира, облачноста ќе се зголемува и ќе започне да дува силен јужен ветер во многу делови од Балканот.
Овој циклон од Џенова од среда (21 октомври) па во деновите потоа во многу делови од Балканот повремено ќе носи обилни врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен ветер (локално со појава и на временски непогоди, проследени со многу обилни врнежи од дожд, силен ветер, грмежи, можна појава на град и на локални поројни поплавувања).
Што се однесува до времето во Македонија, исто така, новата седмица во Македонија ќе започне со стабилно и суво време. Циклонот од Џенова на времето во Македонија ќе влијае во четврток и во петок (22 и 23 октомври) кога ќе имаме зголемување на облачноста и врнежи од дожд кои локално ќе бидат пообилни и поројни, проследени со појава на грмежи и на засилен ветер (во форма на невреме).
Што се однесува до температурите, тие во текот на новата седмица ќе бидат повисоки и малку над просекот за овој период од годината, исто така и утрата ќе бидат потопли. Максималните температури во Македонија на многу места ќе се искачуваат или ќе надминуваат 15 степени, а во Скопската котлина, во Повардарието и во југоисточните предели тие ќе надминат и 20 степени, односно во овие предели температурите ќе се искачат до околу 23/24 степени.
Сѐ на сѐ, многу променлива седмица е пред нас, која најпрвин ќе започне со стабилно време и со сонце, а потоа како што погоре најавив ни следува циклон од Џенова и промена на временската состојба во Македонија, но и цо целиот регион. Меѓутоа, и покрај ова ќе бидеме под влијание на јужно воздушно струење кое како што погоре најавив ќе ни донесе релативно високи температури на воздухот, без некое поголемо заладување на времето засега.












