Предлогот со кој студентите Албанци би полагале 12 предмети за правосуден испит на албански јазик, а само два на македонски, е неприфатлив, изјавија денеска претставниците на студентите. Тие се сретнаа со министерот за правда, Јетон Шасивари, кој им го претстави концептот на решението за нивното барање за полагање правосуден испит на албански јазик. Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, по средбата изјави дека за нив е прифатливо само испитот да се полага целосно на албански јазик. Тој рече дека министерот предложил теоретскиот дел или 12 предмети да полагаат на албански јазик, а практичниот дел, односно два предмета, да полагаат на македонски јазик.
– Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик – нагласи Мехмеди.
Според него, студентите немаат ништо против македонскиот јазик.
– Велат, еве живеете во Македонија и треба да го знаете македонскиот јазик. Велам, не, јас живеам во мојата татковина, во мојата држава и ми следува да зборувам албански јазик. Немам ништо против македонскиот јазик, не го знам добро, но колку што можам, го зборувам, и не ми е срам. Јазикот е богатство и сите треба да ги знаеме јазиците – рече Мехмеди, кој најави нови протести ако не се исполни нивното барање.
Пред средбата, Шасивари рече дека предлог-законот ќе влезе во процедура откако ќе добијат мислење од Венецијанската комисија.
– Сакаме да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение, кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици. Оваа Влада има јасна определба за почитување и унапредување на јазичните права. Сметаме дека институциите имаат обврска да создаваат услови за еднакви можности со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди – рече Шасивари.
Тој додаде дека не сака законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин, туку дека сака процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина. Според него, предложените измени имаат цел воспоставување јасна рамнотежа меѓу почитувањето на правото на образование и користењето на другиот јазик на кој кандидатот ги завршил правните студии, од една страна, и гарантирање единствен, функционален и професионален правосуден систем, од друга страна. (Б. Ѓ.)












