Новиот градоначалник на Брвеница во вториот круг ќе биде избран меѓу Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј од коалицијата НАИ, предвидена од ДУИ, во ситуација кога решавачка улога може да одиграат гласовите што ги доби кандидатот на Вреди што отпадна, Јакуп Хусеини. Ова е само една од комбинаториките што се отворија по вчерашното гласање за градоначалник на оваа општина во Тетовско-гостиварскиот Регион, кое донесе резултати што доведоа до одредено поместување во актуелните политички процеси. Комбинаториките за победник на трката се умножија откако ДИК официјално соопшти дека на вчерашното гласање Радичевски освоил 2.943 гласа, а Јахији 2.152, по што, како двајца првопласирани, ја продолжуваат изборната трка. Зад нив останаа Јакуп Хусени од Вреди со 1.528 гласа, Јовица Радевски од СДСМ со 706 гласа и независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласа и Арифе Идризи со 21 глас.
Најзадоволни ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
По изборите, најголемо задоволство од бројот на освоени гласови беше искажано од партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, а нешто помало од редовите на СДСМ.
– За нас, ова е уште една потврда дека граѓаните ја препознаваат и ја поддржуваат политиката што ја водат ВМРО-ДПМНЕ и Владата. Пред Брвеница е уште една важна одлука. На 1 ноември граѓаните повторно ќе имаат можност да одлучат за иднината на својата општина. Ќе побараме поддршка од сите граѓани на Брвеница – изјави прексиноќа лидерот на владејачката партија и премиер, Христијан Мицкоски.
Аркин Јахији од НАИ изрази задоволство по фер изборната битка.
– Првиот круг е само почеток, а вистинската прослава и финалната трка ќе се одржат во вториот круг, под мотото „Заедно за Брвеница“ – нагласи тој.
Од Вреди, пак, соопштија дека ја почитуваат волјата на граѓаните, а за поддршка на некој од кандидатите ќе решава Претседателството на партијата. Во СДСМ соопштија дека „не се задоволни од резултатите, но се задоволни од падот на ВМРО-ДПМНЕ“.
– СДСМ не е задоволен од резултатите. ВМРО-ОКГ има пад преку 13 проценти. Тоа е бројот што го кријат зад „историскиот“ резултат. СДСМ има 46 проценти повеќе гласови од минатиот пат. Тоа е единствената вистина. Задоволни сме што расте довербата и што новото раководство собира нова сила – потенцираа од оваа партија.
Според политичките аналитичари, најголеми причини за задоволство имаат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
– ВМРО-ДПМНЕ има причина да се чувствува како победник на изборите, исто како и ДУИ, која оствари значително подобар резултат отколку лани. Општо гледано, опозициските партии СДСМ и ДУИ освоија повеќе гласови отколку лани, додека двете партии од власта го намалија бројот на гласови. Дали може да биде ова предвесник на некакви промени кај гласачите? Мислам дека не. Но, цената на двегодишното владеење се покажува на терен. Од друга страна, СДСМ нема многу причина да слави – наведува аналитичарот Петар Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Коалициски или етнички комбинаторики?
Ваквиот епилог од завчерашното гласање отвора дилеми околу тоа што може да се случи во финалниот втор круг од гласањето. Тука, со оглед на фактот што влегоа двајца кандидати во трката, при што едниот е од редовите на владината коалиција, а другиот од опозицијата и што едниот е од македонската етничка заедница, а другиот од албанската, се отвора прашањето како ќе се однесуваат како гласачите така и самите политички партии. Ова најмногу се однесува на прашањето за ставот на партијата Вреди, која ќе треба да реши дали да му ја даде својата поддршка на кандидатот на партнерот во владината коалиција или, пак, на неговиот противкандидат, кој е од редовите на албанската етничка заедница.
– Вреди е пред дилема дали да му даде поддршка на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, кој лани ѝ помогна да победи во неколку општини, или да го поддржи кандидатот од својата етничка заедница. На локално ниво има примери кога албанските гласачи ги поддржуваа кандидатите од спротивниот табор, но кои беа етнички Албанци. Доколку се случи такво нешто и евентуално победи кандидатот Јахиј, тоа ќе биде удар за ВМРО-ДПМНЕ – објаснува аналитичарот Арсовски.
Математиката, на пример, покажува дека ќе следува тесна битка. Така, на пример, ако се соберат гласовите што ги добија кандидатите етнички Македонци, тогаш ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и независниот кандидат Душан Богдановски имаат собрано вкупно 3.704 гласа. Во албанскиот блок, кандидатите на НАИ, на Вреди и независната Арифе Идризи, пак, заедно имаат 3.701 глас. Но, комбинациите и дилемите се врзуваат и за тоа каде ќе отидат гласовите на симпатизерите на СДСМ. Од редовите на групата „Платформа 12.05“ составена од поранешни функционери на оваа партија вчера соопштија дека СДСМ доживеал големо понижување во Брвеница.
– Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025, а во исто време го премолчуваат фактот дека кандидатот има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои советничката листа на СДСМ пред една година. Уште што треба да му се случи на СДСМ за тој и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат „Бихаќска“? – соопштија тие.
На ова од СДСМ одговорија дека тоа е јасна намера да се внесе немир во редовите на СДСМ.
– Оние што го доведоа СДСМ до историски пораз на парламентарните и на претседателските избори во 2024 година, денес го обвинуваат актуелното раководство на партијата за резултатот на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница. Не поминува. Прочитани сте одамна – соопшти оваа партија.
За аналитичарот Арсовски, резултатот од гласањето треба да ја замисли партијата.
– СДСМ како да ја потценува кризата во која се наоѓа. Таму, реформата и консолидација сè уште не се завршени. Ако не сторат нешто, може да се соочат со егзистенцијална криза – потенцира Петар Арсовски. (Б. Ѓ.)












