Најсилното клупско кошаркарско натпреварување почнува денеска со мечот Детроит – Бостон и веќе е позната листата со десеттемина најплатени кошаркари во лигата. Стеф Кари повторно е на врвот од листата откако со новиот договор стана првиот играч во историјата што ќе надмине заработка од 600 милиони долари во кариерата.
Ѕвездата на Голден стејт ќе заработи во сезоната 2026/2027 неверојатни 62.587.158 долари, со што се најде пред Никола Јокиќ. Српскиот центар на Денвер ќе инкасира 59.033.114 долари, но неговата заработка би можела дополнително да порасне. Се очекува Јокиќ следното лето да потпише нов договор, кој би бил најголем во историјата на НБА.
Трет на листата е Јанис Адетокумбо со 58.556.566 долари, а истата сума ќе ја заработат и Ентони Дејвис и Џејсон Тејтум. Следуваат Џејлен Браун и Џоел Ембид со по 57.736.350 долари, додека Карл-Ентони Таунс и Девин Букер ќе заработат по 57.078.728 долари. Топ-10 го комплетира Џими Батлер со 56.832.773 долари.
Интересно е што Лука Дончиќ, и покрај статусот на една од најголемите ѕвезди во лигата, е на 12. место со 51 милион долари за сезоната 2026/2027. Каваи Ленард е веднаш зад него со 50,3 милиони, додека Бем Адебајо е на 18. место со сума нешто помала од 50 милиони долари.
Уште поинтересен е случајот со Шеј Гилџес-Александер, кој моментално е дури на 39. место со 40,8 милиони долари.
Сепак, неговата позиција значително ќе се промени во иднина, бидејќи од сезоната 2027/2028 неговата плата ќе надминува 60 милиони долари годишно.
Листата уште еднаш покажува колку огромни се сумите во модерната НБА, но и колку брзо може да се промени финансискиот поредок со новите договори и продолжувања на соработката.











