– Самостојното претставување на проф. Жарко Башески токму во галерискиот простор во Музејот на современата уметност во Белград е навистина уметнички подвиг и го покажува интересот за неговиот хиперреалистичен пристап во оформувањето на делата, кои ни зборуваат за човекот и за светот во кој живееме. Преку своите реални претстави на постоењето, уметникот Башески нè воведува во често предизвикувачки елементи од реалноста, кои понекогаш и не можеме толку лесно да ги забележиме со обичен поглед кон прикажаното – вели Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија на Македонија. Двете културни установи неодамна потпишаа меморандум за соработка
Еминентниот македонски уметник и академик, Жарко Башески, ќе се претстави пред белградската јавност со своите хиперреалистични скулптури во рамките на самостојната изложба „Корпореалност“, која ќе биде отворена на 2 октомври, во Музејот на современата уметност во Белград (Република Србија). Ова гостување се реализира како резултат на потпишаниот меморандум за соработка меѓу оваа културна установа и Националната галерија на Македонија.
– Самостојното претставување на проф. Жарко Башески токму во галерискиот простор во Музејот на современата уметност во Белград е навистина уметнички подвиг и го покажува интересот за неговиот хиперреалистичен пристап во оформувањето на делата, кои ни зборуваат за човекот и за светот во кој живееме. Преку своите реални претстави на постоењето, уметникот Башески нè воведува во често предизвикувачки елементи од реалноста, кои понекогаш и не можеме толку лесно да ги забележиме со обичен поглед кон прикажаното.

Во неговите високооценети скулптури се испреплетуваат повеќе концепти, со современ поглед на човековата состојба преку самонабљудување, со употреба на нови материјали и со филозофски пристап при моделирањето и изработката. Сите тие елементи нудат повеќеслојно читање на уметничкото дело – посочи Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија на Македонија.
Самиот уметник, во едно од своите интервјуа за весникот ВЕЧЕР, посочи дека е поважно публиката да ја разбере пораката на делото отколку да се одушевува од изведбата.
Неговите скулптури се толку реалистични што никого не оставаат рамнодушни со оглед дека „застрашувачки“ прецизно и реално ги претставуваат изразот на емоциите на лицето, ставот на телото, деталите…
– Само така, и на тој начин можам да ги претставам моите размислувања за одредени состојби, како човечки така и општествено-социјални и сè што нè окупира и оптоварува – посочи Башески во разговорот за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, од Националната галерија на Македонија истакнуваат дека самиот факт што се работи за исклучителен автор, кој, меѓу другото, ја претставуваше Македонија на престижното Венециското биенале во 2011 година и кој е добитник на повеќе значајни меѓународни признанија, а многу од неговите дела се во приватни колекции кај нас и во странство, како институција од национален интерес, тој е и најдостоен да се претстави токму во Музејот на современата уметност во Белград.
– Со тоа не само што ќе се прикаже неговото значајно дело пред белградската публика туку и ќе се развие и ќе се зацврсти соработката меѓу нашите културни институции и меѓу нашите држави – посочува Крстевска.
Во рамките на настанот на кој ќе присуствува в.д. директорката на Националната галерија на Македонија, Нарона Љума-Весели, заедно со домаќинката, директорката на МСУ во Белград, Маријана Колариќ, ќе биде промовиран и обемен каталог, а целиот проект е подржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
– Фактот дека првпат се случува оваа соработка и дека официјално е потпишан ваков значаен документ за заедничко културно дејствување, укажува дека двете земји непречено ја промовираат уметноста на нивото што го заслужува таа – велат од Националната галерија.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 9 ноември 2026 година. (Д. Т.)











