вторник, септември 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Инфлацијата паѓа, економијата расте, но ниту храната поевтинува ниту имаме повисок животен...

Инфлацијата паѓа, економијата расте, но ниту храната поевтинува ниту имаме повисок животен стандард

Пониската инфлација од европскиот просек и растот на БДП од 4,3 проценти се позитивни економски показатели, но не значат автоматски и полесен живот за домаќинствата. Цените на храната остануваат високи, а основните месечни трошоци заземаат значаен дел од семејниот буџет. Клучното прашање е колку растот на економијата и на платите реално ја зголемува куповната моќ на граѓаните и дали подобрите макроекономски бројки се претвораат во повисок животен стандард

23

Инфлација пониска од европскиот просек и раст на БДП од 4,3 проценти. Со овие показатели премиерот Христијан Мицкоски ја претставува економската состојба во земјава, оценувајќи дека е охрабрувачко движењето на цените, а економијата бележи забрзан раст. Но, пониската инфлација не значи и понизок трошок за живот, ниту економскиот раст автоматски носи повисок животен стандард. И покрај позитивните показатели, останува прашањето зошто и понатаму граѓаните тешко ги покриваат основните месечни трошоци.

– Инфлацијата кај нас е пониска од европската, очекуваме стабилно движење и во следниот период. Имаме два месеци што нè охрабруваат – јули и август. Во јули беше 2,3 отсто, во август 2,6 проценти, во услови кога во Европа во јули беше 2,9, а во август 3,2 отсто. Еве, ние покажавме дека не е точно тоа и дека тоа биле лажни кампањи. Дека можело да биде нивото под она што го има европскиот просек, и тоа со речиси двојно пониска инфлација – рече Мицкоски, додавајќи дека за септември треба да се почекаат официјалните податоци од Државниот завод за статистика.

Премиерот посочи и дека, според првичните процени на Државниот пазарен инспекторат, годишната инфлација кај храната и кај безалкохолните пијалаци би можела да се движи меѓу 1,5 и 2 проценти.

Но, пониската инфлација не е доказ дека е надминат проблемот со високите цени. Инфлацијата ја мери брзината со која растат цените, а не нивното вкупно ниво. Ако поскапел еден производ од 100 на 140 денари, инфлација од 2,6 проценти не значи дека повторно поевтинува тој, туку дека продолжува да расте цената со побавно темпо. Претходните поскапувања остануваат, а домаќинствата продолжуваат да ги плаќаат повисоките цени.

– Според последните објавени податоци за август, годишната инфлација во Македонија изнесува 2,6 проценти, додека во Европската Унија е 3,2 проценти. Тоа е позитивен показател, но не е доказ дека животот кај нас е попристапен или дека е надминат проблемот со трошоците за живот. Граѓаните плаќаат цени, а не стапки на инфлација. Пониска инфлација значи дека растат цените побавно, а не дека се враќаат на нивото пред поскапувањето. Дополнително, во август храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,5 проценти во однос на јули, па пониската годишна стапка може истовремено да постои со повисока сметка во продавница – изјави за весникот ВЕЧЕР извршниот директор на Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ, Виктор Митевски.

Тој објаснува дека е различно влијанието на инфлацијата за секое домаќинство, зависно од приходите и од структурата на потрошувачката.

– Кај семејствата со ниски примања, храната и основните сметки заземаат поголем дел од буџетот, па нивното поскапување остава помалку простор за другите потреби. Исто така, растот на просечната плата не значи дека му пораснала платата на секој вработен со истото темпо – вели Митевски.

Според него, не може да се генерализира ниту дека сите живеат подобро ниту дека никој не чувствува подобрување.

– Домаќинствата чии приходи растат побрзо од нивните трошоци може да почувствуваат реално олеснување. Кај другите, пониската инфлација само го забавува дополнителниот притисок врз буџетот. Клучното прашање е колку добра и услуги може да купат со своите примања и колку им останува откако ќе ги покријат основните потреби. Токму според тоа треба да го оценуваме подобрувањето на животниот стандард – смета Митевски.

Според „Евростат“, во 2025 година ценовното ниво на храната и на безалкохолните пијалаци во Македонија изнесувало околу 74 проценти од просекот на ЕУ. Но, оваа разлика не ја отсликува и разликата во приходите. Иако е поевтина во апсолутен износ отколку во голем дел од ЕУ, храната може да претставува поголем товар за македонските домаќинства поради пониската куповна моќ.

Тоа го покажуваат и податоците за синдикалната минимална кошница. Според Сојузот на синдикатите на Македонија, во септември таа достигнала 69.432 денари, за 757 денари повеќе од август. Во споредба со септември минатата година, основните месечни трошоци се зголемиле за 4.355 денари, а во однос на 2024 година – за 8.126 денари.

За храна и за безалкохолни пијалаци, во септември биле потребни 25.259 денари, односно 36,4 проценти од вредноста на кошницата. За четиричлено семејство што живее под кирија, пресметаните месечни трошоци достигнале 84.807 денари.

Просечната нето-плата во јули, пак, изнесувала 48.499 денари, а реалната плата била повисока за 4,7 проценти во споредба со тој месец лани. Иако ова е позитивен показател за куповната моќ на просечната плата, тој не кажува колку заработуваат граѓаните со најниски примања и колкав дел од нивните доходи останува по покривањето на основните трошоци.

Македонската економија во вториот квартал забележала реален раст од 4,3 проценти на годишно ниво, додека градежништвото пораснало за 21,9 проценти. Овие показатели упатуваат на зголемена економска активност, но не покажуваат сами по себе колку пораснале платите и расположливиот доход на домаќинствата.

Растот на БДП не значи дека секој граѓанин има 4,3 проценти повеќе пари. За да се процени ефектот врз животниот стандард, потребно е да се анализира како се одразува економскиот раст врз работните места, реалните плати и семејниот буџет.

И самиот Мицкоски посочи дека треба допрва повеќе да се почувствуваат резултатите во секојдневниот живот, преку повисоки плати и подобро платени работни места.

Пониската инфлација и растот на БДП се позитивни економски показатели, но не се доволни за да се заклучи дека се подобрил животниот стандард во иста мера или дека се граѓаните помалку оптоварени од високите цени отколку во Европа.

Суштината не е само колку бавно растат цените или колку расте економијата туку колку може да си дозволат граѓаните со своите приходи. Додека основните трошоци заземаат голем дел од семејниот буџет, пониската инфлација не значи нужно и полесен живот. Економскиот раст добива вистинско значење тогаш кога ќе се почувствува во куповната моќ и во секојдневниот стандард на граѓаните.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ