вторник, септември 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕТРЕСИ ВО СИНГЕЛИЌ, ЧАИР И ВО БРЕСТ: Тројца под истрага за тероризам, запленети...

ПРЕТРЕСИ ВО СИНГЕЛИЌ, ЧАИР И ВО БРЕСТ: Тројца под истрага за тероризам, запленети оружје и материјали на ИСИС

1

Надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради сомнение дека првоосомничениот го сторил кривичното дело тероризам, а сите тројца и кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи. Истрагата се темели на докази обезбедени во претходна предистражна постапка, документација и докази од предмет што е во судска постапка, како и на докази обезбедени преку меѓународна правна помош.

Обвинителството побара од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје на тројцата осомничени да им биде определен притвор од 30 дена. Во координирана акција на АНБ, МВР и на ОЈО ГОКК, од слобода се лишени вкупно пет лица, а се извршени претреси на повеќе локации во Скопје, меѓу кои Сингелиќ, Чаир и Брест.

При претресите биле пронајдени и одземени нелегално оружје, пиштоли, автоматски пушки, муниција, тактички елеци и друга опрема, како и пропаганден материјал поврзан со терористичката организација „Исламска држава“. Биле пронајдени и компјутерски единици за „копање“ криптовалути и друга документација.

Од АНБ соопштуваат дека се поврзува групацијата со транснационални криминални организации и со различни криминални активности, меѓу кои трговија со оружје и наркотици, изнудување, киднапирање и лихварство. Според Агенцијата, дел од лицата се поврзани со странски терористички борци од земјава и од регионот, а како еден од ризиците се посочуваат радикализацијата и регрутацијата на млади лица, вклучително и преку онлајн-просторот.

– Исламско радикалниот елемент е одлика што е заемна кај повеќето членови на групата, имено истите се идеолошки следбеници на радикални имами, кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Воедно, дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и од регионот. Индоктринирањето млади лица од страна на истакнатите членови на групата е модус операнди, кој континуирано се применува. Верските објекти каде што се практикува радикалниот ислам и онлајн радикализацијата претставуваат иницијални тригери за регрутација на младите, кои подоцна се интегрираат во дадени криминогени активности на групацијата – велат од АНБ.

ИЗДВОЕНИ