Под мотото „Чуму слободата?“, во Скопје, деновиве се одржува 12. Фестивал на европската литература, „Букстар“. Годинашното издание ги отворија прашањата за слободата, книжевноста и историјата, но и за светот што забрзано се менува под влијание на технологијата и вештачката интелигенција.

„Слобода е да напишеш книга, но слобода е и да решиш да не бидеш писател; слобода е да скршиш правило, но слобода е и да го почитуваш правилото; слобода е да преминеш граница, но слобода е и да се вратиш дома; слобода е да избереш слобода, но слобода е и да избереш неслобода. Јас и ден-денес верувам во три слободи: слобода пред себеси, слобода пред другиот и слобода пред текстот. Слободата пред себеси е да се ослободиме од она што сме си го кажале дека мора да бидеме. Слободата пред другиот е да му оставиме простор да биде различен од нас. Да ја прифатиме разликата како можност, а не како закана. Слободата пред текстот е најголемата книжевна слобода. Да му дозволиме на текстот да не нè послуша. Да нè изненади, да ни се спротивстави, да отвори прашање таму каде што сме очекувале одговор. Длабоко верувам дека книжевноста се случува токму меѓу овие три слободи. Затоа, да не бараме само слобода во книжевноста, туку и да ѝ дадеме слобода на книжевноста и книжевност на слободата, рече во своето обраќање писателката Оливера Ќорвезировска, синоќа на отворањето на фестивалот „Букстар“.

Во својот говор, пак, главниот уредник на издавачката куќа „Антолог“, Жарко Кујунџиски, се осврна на слободата како личен, колективен и книжевен простор.

„Зборот слобода е и ултимативен хештаг на нашата самобитност и потрага по својство. Од ‘Слобода или смрт’ до ‘Сонце на слободата’ – зарем постои друг клучен збор што толку го дефинира и македонскиот стремеж за самостојност и идентитет низ вековите? Слободата е топос на лична и колективна еманација. А слободата не е само право да кажеме ‘јас’. Таа е и способност да го слушнеме оној другиот – ‘ти’. Книжевноста отсекогаш била третиот елемент во интервалот меѓу првото и второто лице еднина. Писателот има слобода да измисли друг свет, но преку него често ни зборува за вистинскиот свет и во име на некој друг. Да го постави прашањето што никој не се осмелил да го постави. Да ја погледне стварноста од агол од кој не сме ја виделе. Да ни посочи човек кого можеби никогаш не би го забележале. Да ни даде храброст да бидеме сосема друга верзија на себе“, истакна Кујунџиски, кој е и организатор на фестивалот.

Средба со Елој Морено

Претходно, истиот ден, фестивалската програма започна со шпанскиот писател Елој Морено, автор на книгите „Невидлив“, „Мрежи“ и „Новото патување на Малиот принц“, кој се сретна со средношколци и основци од неколку скопски училишта. Многумина од нив пристигнаа со зрели прашања и со сопствени примероци од „Невидлив“, книгата што ја читаат како лектира, но и дело што им е блиско затоа што отвора теми со кои младите секојдневно се соочуваат – врсничкото насилство, потребата за прифаќање, желбата за докажување и потрагата по сопствениот идентитет. Настанот „Колку ’лајкови’ се потребни за среќа?“ го модерираа психолозите Розалија Секулоска и Јован Илиески. На настанот, покрај за книжевноста, се зборуваше и за влијанието на социјалните мрежи, булингот и предизвиците со кои се соочуваат младите во дигиталната ера. „Сакам да ви порачам дека никогаш не треба да молчите за врсничкото насилство. Во моментот кога сите заедно ќе се кренете против него и ќе се спротивставите – тој ќе престане“, беше една од најсилните пораки што Морено им ја упати на учениците во преполната сала на Театар Комедија.

Фестивалските случувања подоцна се преселија во „Лабораториум“, каде што се одржа дискусијата „Од робот до четбот: Дискусија за ерата која доаѓа“. Може ли вештачката интелигенција да ги замени писателите? Колку авторите веќе ја користат во својата работа? Дали таа ќе им овозможи на помалку квалитетните писатели полесно да стигнат до публика и профит? Ова беа дел од прашањата за кои, под модераторство на Фросина Пармаковска, разговараа македонските автори Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска и Александар Русјаков. Елој Морено пред публиката зборуваше за своите книги „Невидлив“, „Мрежи“ и „Земја“, а разговорот го модерираше професорката Весна Mојсова-Чепишевска. Морено во неколку наврати откри дека како дете не ни помислувал дека ќе стане писател – негов сон бил да биде рок-ѕвезда. А токму како рок-ѕвезда беше пречекан и во Скопје. Првата фестивалска вечер заврши со долги редици читатели кои сакаа лично да го запознаат, да разменат неколку зборови со него и да добијат потпис на своите книги.

Трите фестивалски денови се исполнети со средби со европски и македонски автори, разговори, книжевни читања, поткасти, дебати и неформални фестивалски настани. Од странските автори учествуваат и Јап Робен и Саша Бронвасер од Холандија, Лилјана Коробка од Молдавија/Романија, Мартина Видаиќ од Хрватска, Гузел Јахина од Казахстан, а од домашните и Влада Урошевиќ, Снежана Стојчевска, Лилјана Пандева, Петар Андоновски, Иван Шопов, Весна Mојсова-Чепишевска, Томислав Османли, Владимир Јанковски, Емил Ниами, Никола Гелевски, Александра Јуруковска. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ