Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој се ограничува јавното објавување на одредени податоци за рускиот сектор за нафта, гас и други енергенси, вклучувајќи ги информациите за извозот, производството на рафинериите и тргувањето со гориво.
Според документот што го објави прес-службата на Кремљ, мерките се донесени како одговор на потезите на Соединетите Американски Држави и државите и меѓународните организации кои им се придружија, пренесува „Комерсант“.
Ограничено е ширењето информации за извозот на енергетските компании, вклучувајќи го називот на стоката, цената, количината, продавачите, купувачите и превозниците.
Покрај тоа, се ограничува и објавувањето податоци за рутите и правците на испорака, како и за координатите на складиштата.
Указот исто така ја опфаќа царинската статистика за извозот на енергетски производи и податоците за обемот на производство на руските рафинерии.
Ограничено е и објавувањето информации за берзанските трансакции со гориво, а податоците од тој список нема да можат да се објавуваат во медиумите и на интернет.
Указот би можел да го отежне следењето на рускиот извоз на енергенси, особено на количините, цените, купувачите и правците на испорака, како и проценката на производството во рафинериите, пренесуваат медиумите.












