вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Лисици за раководството на гостиварски „Комуналец“, епидемијата отвора кривична одговорност

Лисици за раководството на гостиварски „Комуналец“, епидемијата отвора кривична одговорност

Повеќе од 3.100 граѓани заразени, почнува хлорирање на водоводниот систем

1037

Приведувањето на директорката на гостиварски „Комуналец“, Артана Асани, и на двајцата нејзини соработници, техничкиот директор, Леон Нуредини, и раководителот на водоводот, Вадедин Дервиши, се резултат на предистрагата што се води во Обвинителството за загадената вода од градскиот водовод, од која се претпоставува дека се затруја повеќе од 3.100 граѓани. Иако до затворање на весникот Јавното обвинителство и здравствените власти не ги соопштија наодите од испитаната вода, сепак, лисиците на рацете на првите луѓе на гостиварскиот водовод, носени во полициска станица од двајца полицајци под рака, потврди дека епидемијата е предизвикана од загадена вода од чешмите. За потсетување, директорката на ЈКП „Комуналец“, Асани, кога бувна заразата, негираше дека граѓаните се затруени од градскиот водовод и причината ја гледаше во труење со храна и во високите температури. Таа потврди дека експериментално поставиле пумпи за притисок кај Вруток на 25 јуни, но по неколку часа ги исклучиле од работа, а водата ја исфрлиле во Вардар. Сепак, приведувањето на раководството на „Комуналец“ значи и евентуална кривична одговорност за загадување на водата во Гостивар.

– Полициски службеници од ПС Гостивар, во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар, лишија од слобода три лица во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод. Лишени од слобода се: А. А. од с. Здуње, в.д. директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар; В. Д. од с. Форино, шеф на „Водовод и канализација и Л. Н. од с. Вруток, технички директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Надлежните институции продолжуваат да преземаат дејства за прибирање докази во предистражна постапка – соопштија од СВР Тетово.

Првите пријави дека се жалат луѓе во болница, со стомачни тегоби, имало на 13 јули, деновите потоа нивниот број секојдневно се зголемувал, а заеднички именител за сите е тоа што пиеле вода од чешма.

– Мојот син си играл со другарите на улица, се напиле вода од градската чешма и сите истовремено добија стомачни болки – раскажува за ВЕЧЕР мајка чие дете се јавило во болница пред една недела.

Иако новинарите инсистираа здравствените власти да ги објават резултатите од анализите на водата за пиење, сепак, министерот за здравство, Сашо Клековски, и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, премолчија, со објаснување дека е во интерес на истрагата и оти анализите се на барање на Обвинителството. На прес-конференцијата во Владата за мерките што се преземаат да се надмине водната криза во Гостивар, Андоновска од ИЈЗ вели дека се реагирало тогаш кога биле првите пријави, а тоа се случило на 13 јули. На новинарско прашање дали се јавуваат симптоми од ваков вид доколку се пие загадена вода со фекални бактерии, Андоновска одговори потврдно.

– Потенцирано ми е дека треба да ги испратиме резултатите во ЈО и во интерес на истрагата, оттаму треба да ги објават. Во очекување сме дека резултатите со сите докази ќе нè одведат до одговорноста на оној што треба и до отстранување на проблемот. Ова е во интерес на истрагата, важно е да се најде причинителот, но уште поважно е да се лоцира одговорноста – изјави Андоновска.

Од последно пријавените во болницата и од здравствениот дом, а тоа се 564 граѓани со стомачни проблеми, може да се заклучи дека опаѓа бројот на заразени. Министерот за здравство, Клековски, потврди дека тројца возрасни и едно дете се задржани на лекување во болница, а другите се испраќаат дома по дадена инфузија и се лекуваат витамински. Поради прогласување епидемија во Гостивар, заседава и Комисијата за заразни болести, која носи конкретни мерки за надминување на здравствената криза.

– Немало  криење на информации, јас соопштив дека ноќта на 13 јули се првите пријавени случаи во болницата. Апелираме до граѓаните да се одзват на повиците од екипите на ИЈЗ и ЦЈЗ да дадат податоци за анкетирање – изјави Клековски.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, ги прочита локациите каде што можат да дојдат жителите по вода: „Водостопанство“ – Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште – Гостивар, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар Гостивар“, АД ЕСМ – подружница кај гаражите, Општата болница Гостивар и територијалната противпожарна единица Гостивар.

Дополнително, водата ќе се доставува директно до градинките и до болницата во Гостивар за да се обезбеди непречено функционирање на овие клучни институции, заштита на најранливите категории, децата и на пациентите.

– Стартуваме со 50 литри, зависно од тоа колку ќе има потреба во текот на деновите. Ако има потреба, ќе се зголемува количината. Конкретно, во понеделникот се  доставени три шлепери со вода, односно има 76 тони вода. Не се исклучува можноста, доколку има потреба, да се вклучат цистерни, населението да не се грижи. Сè што е потребно, ќе го обезбедиме, како Влада, за непречено функционирање – рече Томовски.

Водата од градските чешми и натаму не смее да се користи за ништо. Премиерот Христијан Мицкоски ги повика локалните власти да почнат со хлорирање на водата.

– Значи, сега треба „Водовод“ во Гостивар да пристапи кон прочистување на системот за да можат граѓаните да ја користат водата за технички потреби и за хигиена, бидејќи сега, во моментот, вака како што е, не треба ниту за хигиена да ја користат. Сега треба од денеска, па натаму локалното ЈП „Водовод“ да почне со чистење на системот, хлорирање и, да речеме, во рок од ден-два или три да можат граѓаните да ја користат за техничка потреба. Тоа е веќе во ингеренциите на локалната самоуправа – изјави Мицкоски.

Тој порача дека челниците на локалната власт, од прв до последен, треба да сносат морална одговорност.

– Очекувам дека од градоначалникот, па надолу, сите треба да сносат одредена морална одговорност. А ние, како владини институции, ќе продолжиме и понатаму за, колку е возможно со иницијативи од типот на онаа вчерашната, да им го олесниме животот на гостиварци во делот на снабдувањето со вода за пиење и, колку-толку, од таа вода да се користи за реализирање на техничките потреби и за хигиена – изјави Мицкоски.

А градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, не чувствува морална одговорност за епидемијата предизвикана од градскиот водовод. По десет дена од првите случи на зараза, тој вчера најави дека го активира кризниот штаб и дека го суспендира раководството на ЈКП „Комуналец“.

– Општината објави и официјален телефонски број на кој граѓаните што не може да излезат да земат вода, треба да се јават. Со мобилни екипи ќе им се доставува до нивните домови. По објавувањето на резултатите, веднаш ќе почнеме со активности за дезинфекција и прочистување на водоводната мрежа и со засилени контроли за да се обезбеди пристап до здрава вода што е можно побргу. Не сакам никој однапред да ја преземе вината, но, секако, не сакам ниту како било да се попречи работата на надлежните органи. Јас не чувствувам морална одговорност затоа што јавното претпријатие е правно лице што менаџира. Доколку беше поинаку, секако, првата оставка ќе дојдеше од моја страна – рече Лимани на прес-конференција за медиумите.

Опозицијата повторно го обвини премиерот Мицкоски дека бега од одговорност за епидемијата во Гостивар.

– Морална, а не кривична одговорност бара човекот што знае дека токму тој би требало да одговара прв. Не може да се крие дека министерот за здравство и Министерството за здравство имаат директна одговорност за труењето во Гостивар од толку голем обем. Информацијата за труењето и за загаденоста на водата се криеше пет дена, системот, надлежните институции не реагираа навреме – обвинија од СДСМ.

Реагираа од ВМРО ДПМНЕ, велат дека опозицијата ја злоупотребува состојбата во Гостивар.

– Во случајот со Гостивар, надлежните институции постапуваат согласно со своите законски овластувања и секоја евентуална одговорност ќе ја утврдат надлежните органи врз основа на докази, а не врз основа на политички прес-конференции. Обидите за префрлање на вината, без завршена истрага, претставуваат неодговорно политизирање на случајот од страна на СДСМ – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. (П. А.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ