„Железна тврдина” е насловен новиот филм на режисерот Митко Панов во продукција на „Пиреј филм“, чија проекција публиката ќе има можност да ја проследи на 21 јули, во 20.30 часот, на плажата Сараиште во Охрид, во склоп на претпрограмата за отворање на осмото издание на „Бич филм фестивал“. Aктерската екипа е составена од штитениците на Центарот за Рехабилитација на Психијатриската Болница во Демир Хисар, и гости меѓу кои: Пол Гордон, Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Благоја Грујовски, Мишел Трајковски, Атиџе Муратова и Боби Додевски-Шлукс.

„Железна тврдина“ – филмска работилница, го користи формалниот пристап својствен на документарниот но и играниот филм, и како таков го претставува новиот, хибриден, филмски израз. Базиран на вистински случки, филмот соединува елементи на фикција и фантазија.

„Она што почнува како набљудувачки запис од секојдневниот живот и креативни вежби, полека се трансформира во конструиран филмски свет обликуван од самите учесници. Просторот на болницата станува истовремено реална средина и сцена за фиктивни ситуации, каде што личните приказни, фантазиите и креираните идентитети почнуваат да се преклопуваат.

Железната тврдина се појавува како слоевит, духовит хибрид во кој реалноста и фикцијата, разумот и лудилото, свесното и несвесното се преплетуваат, потсетувајќи нè дека ’видено oдблиску, ништо не е нормално’“, велат од продукцијата.

Инаку, проекцијата ќе се одржи во присуство на авторите. За разлика од телесното (физичко) здравје, менталното здравје и хигиена се чест предмет на стигматизација, додека лицата кои се соочуваат со такви проблеми истовремено се соочуваат и со феноменот на маргинализација. Со оглед на тоа, процесот на ресоцијализација и адаптација е макотрпен и долг, речиси невозможен, без ангажман од страна на здравствените институции, образованието, но и секој од нас поединечно. Гледан од таа перспектива, прерогатив на филмот е подигнување на нивото на свеста и информираноста меѓу граѓаните.

Во програмата што следува ќе биде прикажан и филмот „Самоуништување“, на продуцентот и актер Јовица Михајловски, познат како прв македонски независен филм од 1996.

Влезот е слободен.

ИЗДВОЕНИ