По подолг период, жителите на Лисиче ќе добијат уреден и побезбеден трговски центар – простор што секојдневно го користат голем број граѓани и претставува важен дел од локалното живеење.
Општина Аеродром започна со реконструкција и уредување на просторот во него.
-Проектот предвидува поставување нови павер-елементи во централниот дел, како и на пристапните патеки, на површина од околу 6.000 квадратни метри. Дотраените површини се заменуваат со квалитетни и издржливи материјали, што значително ќе ја подобри функционалноста и естетиката на просторот. Просторот ќе биде и хортикултурно збогатен и опремен со нова урбана опрема – соопштија од Општина Аеродром.
Оттаму додаваат дека во трговскиот центар ќе бидат поставени и маси за шах, како и детско игралиште за пријатен престој и дружење на сите генерации.
Станува збор за капитален инфраструктурен проект, реализиран со поддршка од Владата, во вкупна вредност од 22,2 милионa денари.












