понеделник, ноември 16, 2026
Дома СВЕТ Лидерите и бизнисмените од АПЕК во Шенжен ќе го трасираат курсот за...

Лидерите и бизнисмените од АПЕК во Шенжен ќе го трасираат курсот за посилна соработка во регионот: Кина по третпат домаќин на состанокот на Азиско-пацифичкиот Регион

1

Шангај, па Пекинг и сега Шенжен, во последниве 25 години се домаќини на овој важен состанок, следејќи ја еволутивната улога на Кина од учесник кој учи да се усогласи со меѓународните трговски правила, до важен придонесувач кон регионалната соработка и сè поактивен пионер во нови области на раст. Во текот на изминатата деценија, економиите на земјите членки на АПЕК, каде што живеат речиси 40 проценти од светската популација, генерираа повеќе од 60 проценти од глобалното економско производство и близу половина од светската трговија, влечејќи го центарот на гравитација на глобалната економија кон Азиско-пацифичкиот Регион.

 

Додека градот Шенжен, кој се наоѓа во јужната кинеска покраина Гуангдонг, се подготвува утре да ги пречека лидерите на Азиско-пацифичкиот Регион за Состанокот на АПЕК, Кина е подготвена да биде домаќин на овој собир по трет пат. Шангај, па Пекинг и сега Шенжен во последниве 25 години се домаќини на овој важен состанок, следејќи ја еволутивната улога на Кина од учесник кој учи да се усогласи со меѓународните трговски правила, до важен придонесувач кон регионалната соработка и сè поактивен пионер во нови области на раст.

Од 33. форум на економските лидери на АПЕК во Шенжен, на 18 и 19 овој месец, се очекува да го трасира курсот за посилна азиско-пацифичка соработка во време на зголемена глобална неизвесност. Тема на собирот, со кој по традиција, кога се одржува во Кина претседава претседателот Шји Џинпинг, е „Градење на Азиско-пацифичка заедница за заеднички напредок“. Како три приоритети за Годината на АПЕК, Кина ги одреди отвореноста, иновациите и соработката, организирајќи минатата година повеќе од 300 поврзани настани, меѓу кои министерски состаноци за трговија, финансии и енергетика. Самитот на извршните директори на АПЕК, закажан да се одржи заедно со состанокот на лидерите, привлече силен глобален интерес, при што се очекува бројот на претставниците на владата, бизнисот и медиумите да надмине 2.000. Претставници на бизнисот од сите 21 економии на АПЕК се регистрирани за учество, при што од САД има најголем број корпоративни учесници меѓу економиите на АПЕК, освен Кина, а пријавени се и компании од земји кои не се членки на АПЕК, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Германија и Швајцарија.

– Со нетрпение очекуваме да изградиме понатамошен консензус и да се согласиме за Декларацијата на лидерите на АПЕК во Шенжен меѓу сите економии членки, како и попрактични резултати во клучни области како што се трговијата, поврзаноста, дигиталната економија, вештачката интелигенција и така натаму, за да внесеме силен импулс во просперитетот и растот на Азиско-пацифичкиот Регион и светот, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг.

Во текот на изминатата деценија, економиите на земјите членки на АПЕК, каде што живеат речиси 40 проценти од светската популација, генерираа повеќе од 60 проценти од глобалното економско производство и близу половина од светската трговија, влечејќи го центарот на гравитација на глобалната економија кон Азиско-пацифичкиот Регион. Откако се приклучи на АПЕК во 1991 година, Кина активно се усогласи со меѓународните правила за да се вклопи во овој мултилатерален трговски систем. Од моментот кога првпат беше домаќин на АПЕК во Шангај, просечната царинска стапка на Кина падна од 39,5 проценти на 15,3 проценти, додека нејзината трговија со другите економии на АПЕК се зголеми речиси за трипати.

Организаторите велат дека Шенжен е целосно подготвен да ги прими учесниците на состанокот. Зајакнати се транспортните, енергетските, комуникациските и хотелските услуги, воведени се мерки за олеснување на патувањето и на дневните трансакции.

Средба на Шји, Трамп и Путин – нова Јалта во Шенжен?

Шенжен ќе биде и местото каде што в четврток ќе се сретнат тројцата најмоќни светски лидери. Кинескиот Шји Џинпинг, американскиот Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин, ќе разговараат за најголемите светски кризи, почнувајќи од војните во Украина и во Иран, до нуклеарното оружје и вештачката интелигенција. Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека оваа трилатерална средба има „историско значење“ и ќе придонесе за светски мир и стабилност.

Овој прв состанок лице в лице на тројцата лидери веќе го нарекоа „нова Јалта“, според конференцијата во кримскиот град Јалта, каде што пред 81 година британскиот премиер Черчил, американскиот претседател Рузвелт и советскиот претседател Сталин, преговараа за новиот светски поредок по завршувањето на Втората светска војна. Но, според најавите, сите тројца лидери имаат сосема различни цели. Белата куќа минатата недела соопшти дека Трамп ќе ја отвори темата за намалување на нуклеарното вооружување. Кина досега ги отфрлаше обидите за разговори за нуклеарното оружје со Русија и САД, кои располагаат со најголемите резерви на такво оружје. Путин, пак, гледа можност да обезбеди договор за крај на војната во Украина под улови што ѝ одговараат на Москва.

ИЗДВОЕНИ