Отвореното управување не смее да се сведе на формална обврска, туку мора да стане суштински принцип на функционирање на институциите, препознатлив преку транспарентното одлучување, отчетноста и непосредното вклучување на граѓаните во креирањето на јавните политики, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на вчерашната конференција „Од заеднички приоритети до конкретни заложби“, каде што го претстави националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, за периодот 2026–2028 година. Акцискиот план е резултат на повеќемесечен процес на консултации, дијалог и заедничка работа меѓу институциите и граѓанските организации.
– Граѓаните со право очекуваат достапна, професионална и ефикасна администрација, која обезбедува квалитетни јавни услуги и навремено одговара на нивните потреби. Но, подеднакво важно е институциите да бидат транспарентни во своето работење, да ги образложуваат одлуките и да создаваат можности граѓаните да учествуваат во креирањето на јавните политики – рече Минчев.
Националниот акциски план опфаќа четири приоритетни области: спречување на корупцијата, граѓански простор и учество, дигитално управување, и климатски промени и животна средина. Како што соопштија од Министерството, акцентот бил ставен на значењето на интегрираниот пристап кон отвореноста на државата, преку трите нејзини компоненти: отворена влада, отворен парламент и отворено судство. Министерот посочи дека транспарентноста и отчетноста се заедничка одговорност на извршната, законодавната и на судската власт.
– Отвореноста не треба да биде дополнителна обврска на институциите. Таа треба да стане нивни природен начин на работа, препознатлив во секоја одлука, секоја услуга и во секој однос кон граѓаните. Наш следен предизвик е да ги претвориме заедничките заложби во резултати, резултатите во трајни подобрувања, а тие подобрувања во поголема доверба на граѓаните во институциите – заклучи министерот Минчев.












