Масовниот протест против владиниот план за промена на моделот на финансирање на јавните медиуми прерасна во израз на незадоволство од политиките на премиерот Андреј Бабиш. Српската студентка Наталија Петровиќ доби аплауз откако изјави дека Србија е доказ оти промените се можни.
Според организаторите – проценки кои не се независно потврдени – вчера во паркот Летна во Прага се собраа околу 400.000 луѓе на масовен протест против владата на премиерот Андреј Бабиш. Демонстрациите беа поттикнати од планот на властите да ја укинат задолжителната такса за финансирање на јавните медиуми и средствата да ги префрлат во државниот буџет.
Критичарите на овој предлог предупредуваат дека тој би можел да ја загрози финансиската независност на Чешката телевизија и Чешкото радио, додека опозицијата и организаторите на протестот ја обвинуваат владата дека турка важни законски решенија низ парламентот без суштинска јавна дебата.
Српската студентка Наталија Петровиќ привлече посебно внимание кај присутните. Таа им се обрати на демонстрантите и ги повика да не ги прифаќаат владините политики.
„Србија е жив доказ дека промените се можни. Не дозволувајте да ви ја украдат иднината. Студентите во Србија победија – сега е ред на вас“, рече Петровиќ, проследена со громогласен аплауз од присутните. Еден од главните симболи на протестот стана пораката „Никогаш повеќе 4:36“, што се однесува на времето – пред нешто помалку од еден месец – кога владејачкото мнозинство во раните утрински часови (04:36 часот) го протурка првото читање на контроверзниот предлог-закон, при што опозицијата имаше само ограничена можност за дебата.
Микулаш Минарж, лидер на граѓанската иницијатива „Милион моменти за демократија“, изјави дека граѓаните се собрале за да се спротивстават на владеењето со сила и на наметнувањето политички одлуки.
„Тоа што сте избрани не ви дава право да воведувате практики на авторитарни лидери од Истокот во Чешката Република. Оваа земја не е на продажба и нема да дозволиме да ни ја украдете“, изјави Минарж. На протестот се собраа студенти, актери, спортисти, музичари, работници, синдикалци, еколошки активисти и луѓе од различни генерации. Меѓу нив имаше и припадници на поранешното дисидентско движење „Повелба 77“. Маја Север, претседателка на Европската федерација на новинари, предупреди дека нејзината организација будно ги следи потезите на чешката влада.
Протестот следи по штрајкот во националниот радиодифузен сервис, кој започна на 3 ноември. Под притисок на јавноста, Бабиш го ублажи својот првичен став, најавувајќи дека при второто читање на предлог-законот, кон средината на јануари, ќе предложи поинаков модел на финансирање – усогласен со Европскиот акт за слобода на медиумите. Според најавата, една од можностите е да се задржи моделот на доброволна претплата, при што дел од трошоците би се покривале од државниот буџет преку независен посредник.
Сепак, студентите го отфрлија обидот на премиерот да ги увери дека независноста на медиумите не е загрозена.
Кога на бината беше пуштена негова видеопорака – во која тој ги повикуваше студентите прво да ги проверат информациите – одговорот гласеше: „Премиере, ние ‘навистина’ ги проверивме тие информации, и сепак дојдовме!“.
Минар најави продолжување на притисокот врз владата, повикувајќи на повлекување на спорниот закон, започнување вистински дијалог со граѓаните и прекин на практиката за забрзано носење на чувствителни законски решенија. Барањата, исто така, вклучуваат разрешување на Томио Окамура од функцијата претседател на Пратеничкиот дом, како и одземање на ресорот одбрана од неговата партија.
Масовниот собир во Прага покажа дека спорот околу финансирањето на јавните медиуми прераснува во пошироко политичко незадоволство, додека пораката од еден српски студент му даде силна меѓународна димензија на протестот.












