Еден невообичаен настан во Градскиот парк никого не остави рамнодушен и без солзи. Но, овој пат солзи радосници. Леон, на чиј роденден пред неколку години не дојде никој, сега беше опкружен со многу луѓе, деца, но и со многу музички гости, кои му ја разубавија роденденската прослава, но и со куп балони. Тој го прослави својот 13. роденден на „Школка“. Тоа е првиот јавен инклузивен роденден, бидејќи Леон е момче со аутизам. И неговото братче, Андреа, е дете со посебна попреченост во развојот. Неговата мајка, Амела Мемиш-Апостоловска, вели дека прославата на овој 13. роденден на Леон почнала како нејзина тивка желба, која, поради нејзината беспоштедна мајчинска заложба, станала реалност.
– Она што почна како планирана роденденска прослава, прерасна во вистински празник на хуманоста, емпатијата и на солидарноста. Најпрво нè изненади неочекуваниот број гости, луѓе со вистинско срце, кои во тој момент дишеа за истото, тоа се љубов, заедништво и емпатија – со многу емоции опиша мајката Амела
Еден невообичаен настан во Градскиот парк никого не остави рамнодушен и без солзи. Но, овој пат солзи радосници. Леон на чиј роденден пред неколку години не дојде никој, сега беше опкружен со многу луѓе, деца, но и со многу музички гости, кои му ја разубавија роденденската прослава, но и со куп балони. Тој го прослави својот 13. Роденден на „Школка“. Тоа е првиот јавен инклузивен роденден, бидејќи Леон е момче со аутизам. И неговото братче, Андреа, е дете со посебна попреченост во развојот.
Мајката Амела Мемиш-Апостоловска (37) e дипломиран педагошки едукатор, на насока психологија. Во фокусот на нејзините истражувања и специјализации е и аутизмот.
Славењето на овој роденден, за Амела, е славење на една голема борба, една мајчина желба и една заедница што, како што вели, покажала дека не треба да нè разделуваат различностите туку да нè зближуваат.
За разлика од вчеравечер, кога славеше со многу гости, деца и родители, претходно Леон најчесто ги поминувал родендените сам.
Неговата мајка вели дека прославата на овој 13. роденден на Леон почнала како нејзина тивка желба, која, поради нејзината беспоштедна мајчинска заложба, станала реалност.
– А вчера таа желба стана реалност. Не само за Леон туку и за сите деца што дојдоа и покажаа дека инклузијата не е збор, инклузијата е дело – вели мајката Амела.

За весникот ВЕЧЕР, таа раскажа дека од овој настан во Градскиот парк носат импресии што тешко се опишуваат со зборови, бидејќи, како што рече, тие едноставно се доживуваат со присуство.
– Она што почна како планирана роденденска прослава, прерасна во вистински празник на хуманоста, емпатијата и на солидарноста. Најпрво нè изненади неочекуваниот број гости, луѓе со вистинско срце, кои во тој момент дишеа за истото, тоа се љубов, заедништво и емпатија. На настанот беа разиграни сите, од 7 до 77 години, потсетувајќи нè дека сè уште е живо детето во секој од нас и е подготвено да се радува – со многу емоции опиша мајката Амела.
Таа додава дека прославата изобилувала со длабоки емоции, кои никого не го оставиле рамнодушен.
– Леон прочита текст, кој ги остави сите присутни без зборови и со солзи во очите. Особен и фасцинантен беше мигот кога му се придружија Пајак, Тамара Тодевска и диџеј Боно на Леон, заедно дувајќи ги свеќичките од роденденската торта и продолжувајќи со песни заедно со Леон, кој првпат беше толку многу насмеан и среќен, но и свесен за моментот. За едно дете со аутизам, ова беше успех, уште еден чекор напред – наведе Амела.
Според неа, еден од најтрогателните моменти бил кога пуштил Леон балони кон небото, честитајќи му го роденденот на својот дедо, што дополнително ги разгорело емоциите и измамило солзи радосници.
– Градскиот парк не славеше само роденден на едно дете. Тој ден сведочевме на инклузија на дело, покажувајќи им на сите дека за вистинска среќа е потребно толку малку. Компаниите поддржувачи, организаторите, волонтерите и секој еден присутен гостин за момент станаа дел од семејство. Никогаш не е онака како што планираме ние, Бог има многу поголеми планови од нашите, а тоа ни се докажа и во вторникот. Ова беше настан што ќе го паметиме долго, потсетник дека кога се отворени срцата, чудата се секојдневна реалност – потенцира Амела.
Таа изрази неизмерна благодарност до секое дете што му пристапило на Леон, до секој родител што го донел своето дете, до секој човек што одвоил време да биде дел од овој ден, како и до сите поддржувачи, пријатели, институции, компании и добри луѓе што помогнале оваа идеја да стане вистински настан. Но, најголема благодарност упати до својот син, Леон.
– Сине, не славевме само што наполни 13 години. Славевме што си токму таков каков што си. И ако вчера успеавме барем едно дете да се почувствува прифатено, барем еден родител да почувствува надеж и барем еден човек да сфати дека различноста не е причина за дистанца, тогаш целиот труд вредеше. Од вчера, па натаму, твојот роденден веќе не е само твој. Тој стана ден на инклузијата. Ден кога покажа една заедница дека има место за сите. Вчера почнавме нешто што нема да заврши со роденденот – порача мајката Амела.
(А. П.)












