вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Либиски функционер ја обвинува Украина за агресија: Бара Зеленски да биде ставен...

Либиски функционер ја обвинува Украина за агресија: Бара Зеленски да биде ставен на листата на терористи

0
EPA/SARAH MEYSSONNIER

Муса ал-Кони, член на Претседателскиот совет на Либија, изјави дека нападот врз пристаништето во Бенгази претставува „објава на војна“. Тој повика на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации и побара украинскиот претседател Володимир Зеленски да биде вклучен во списокот на терористи.

Во изјава, пренесена од либискиот информативен портал „Ал Васат“, Ал-Кони истакна дека Бенгази бил изложен на „отворена воена агресија“. Според него, нападнати биле пристаништето и неговата витална инфраструктура, при што е причинета материјална штета, а има и повредени цивили. Тој го окарактеризира инцидентот како директен напад врз суверенитетот, безбедноста и стабилноста на Либија.

„Ја сметаме украинската страна за целосно одговорна за овие терористички акти – акти за кои украинскиот претседател Володимир Зеленски презеде одговорност, јавно ги објави и со нив се фалеше“, изјави Ал-Кони.

Зеленски, пак, објави дека украински поморски дронови го потопиле рускиот корвета „Меркури“ во близина на либискиот брег и го погодиле рускиот товарен брод „МВ Ангара“, за кој тврди дека се користел за транспорт на оружје.

Ал-Кони ги предупреди украинските власти да не ја вовлекуваат Либија во нивните конфликти.

Тој најави дека ќе бидат преземени правни и дипломатски мерки, како на регионално, така и на меѓународно ниво, вклучително и обраќања до Меѓународниот суд на правдата, Советот за безбедност на ОН и други организации. Тој побара Советот за безбедност без одлагање да свика седница, да го стави Зеленски на списокот на терористи и да преземе итни мерки за запирање на она што тој го опиша како напади. Тој ги повика Обединетите нации и меѓународните организации да спроведат сериозна и транспарентна истрага, да ги идентификуваат одговорните за нападот и да ги заштитат цивилите и виталната инфраструктура.

На крајот, тој ги повика граѓаните на Либија да се обединат околу единствено претседателство, единствен парламент и единствена влада, нагласувајќи дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Либија не се предмет на преговори.

ИЗДВОЕНИ