Денеска се спроведуваат засилени инспекциски контроли на територијата на Општина Бутел, во координација со инспекциските служби на Град Скопје и Министерството за внатрешни работи.
Од Општина Бутел информираат дека под засилен инспекциски надзор се повеќе објекти за кои постојат основи за сомневање дека работат спротивно на законските прописи.
-Се вршат проверки на градежната документација, законитоста на изградените и доградените делови од објектите, дозволите за поставување и користење тераси, како и почитувањето на останатите законски обврски – соопштија општинските власти.
При тоа, додаваат дека паралелно се спроведуваат и засилени сообраќајни контроли, при што се изрекуваат казни за непрописно паркирани возила на пешачки премини, велосипедски патеки, зелени површини и други јавни простори.
-Јавниот простор мора да биде достапен за граѓаните, а законите и правилата мора да важат подеднакво за сите- децидни се од локалната самоуправа.
Оттаму нагласуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел воспоставување поголем ред, безбедност и почитување на законските прописи.
-Во Бутел нема да има селективност во спроведувањето на законите. Редот и законитоста се обврска за сите – нагласуваат од Општината.












