вторник, август 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА АРМИЈАТА: Сиљановска-Давкова: Колку е посигурна нашата одбрана, толку е...

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА АРМИЈАТА: Сиљановска-Давкова: Колку е посигурна нашата одбрана, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност

Јакнењето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин на кој ја зацврстуваме својата позиција во Алиjансата, порача претседателката на државата на свеченоста во Охрид

0

Колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност, порача македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста во Охрид, каде што се одбележуваше 18 август – Денот на Армијата. Таа нагласи дека современата одбрана не смее да се сведува само на одговор на веќе настанати закани, туку мора да се темели на нивно навремено предвидување, развој на соодветни капацитети и градење отпорност на државата.

– Јакнењето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин на кој ја зацврстуваме својата позиција вo Aлиjансата како сериозна и кредибилна членка на која може да се верува и врз која може да се потпира. Современиот безбедносен амбиент е сè понепредвидлив, а границите меѓу конвенционалните и хибридните закани сè повеќе се губат. Беспилотните системи, сајбер просторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на кој се планира, изведува и поддржува современото војување – истакна Силјановска-Давкова.

Говорејќи за развојот на Армијата, таа потсети на нејзините историски корени и на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година, како и на создавањето на сопствена армија по осамостојувањето на државата. Таа оцени дека денес македонската Армија е професионална и високоорганизирана формација, со оперативна кредибилност, војничка дисциплина и висока интероперабилност со сојузничките сили. Особено значаен, како што нагласи, е придонесот на Армијата во НАТО и во меѓународните мировни мисии. Во моментов, 183 припадници на Армијата учествуваат во такви мисии и операции.

Во својата порака, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека „Армијата е многу повеќе од униформа“.

– Со чест и благодарност им оддаваме признание на сите наши војници, старешини и припадници кои со одговорност и достоинство ја извршуваат својата мисија, во служба на државата, нејзините граѓани и мирот. Армијата е многу повеќе од униформа. Таа е чест, одговорност, дисциплина и посветеност. Таа е силата што стои зад сигурноста на државата и луѓето што живеат во неа – порача премиерот.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, оцени дека Македонија е безбедна и стабилна држава, а Армијата претставува еден од главните столбови на стабилноста. Тој нагласи дека модернизацијата се одвива според планираното и опфаќа набавка на современо вооружување и опрема, но и значителни инвестиции во инфраструктурата. Во тек е набавка на артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, системи за противоклопна борба, опрема за сајбер заштита, воздухопловна поддршка и комуникациски системи. Мисајловски најави дека годинава се очекува пристигнувањето на првите два нови хеликоптери. Дополнително, во следниот период се планирани над 12 милиони евра за инфраструктурата на Армијата, додека досегашните инвестиции надминуваат 3,1 милиони евра.

– Во следниот период продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата – со повеќе набавки од секој вид опрема, со силни инвестиции за инфраструктурата на Армијата, со повеќе вежби и повеќе обуки – рече Мисајловски кој најави и подобрување на статусот на професионалните војници преку нов колективен договор и други мерки за подобрување на условите за работа.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна дека Армијата во последната деценија се наоѓа во интензивен процес на модернизација.

– Времињата се менуваат, заканите се менуваат, технологијата напредува, но нашата должност останува иста – да бидеме подготвени, одлучни и посветени секогаш да стоиме на браникот на државата. Само подготвена армија е вистинска гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот во државата – рече Лафчиски.

(Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ