вторник, август 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЧЕТВРТА ЖРТВА, ЕПИДЕМИЈАТА НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА НЕ СТИВНУВА, ВОНРЕДНО ПРСКАЊЕ ВО СКОПЈЕ

ЧЕТВРТА ЖРТВА, ЕПИДЕМИЈАТА НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА НЕ СТИВНУВА, ВОНРЕДНО ПРСКАЊЕ ВО СКОПЈЕ

0

По 27 дена лекување на Клиниката за инфективни болести, почина уште еден пациент со западнонилска треска, со што бројот на починати се искачи на четири. Веста ја потврди директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана. Станува збор за пациент кој бил хоспитализиран поради инфекцијата со вирусот, а по повеќенеделно лекување, неговата состојба се влошила.

На Инфективна се хоспитализирани 20 пациенти со западнонилска треска, од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаи се водат клинички како сомнителни. На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив лекувањето се одвива според сите клинички протоколи, изјави Цана. Тој посочи дека починатиот бил на возраст од 76 години и се лекувал речиси еден месец на Клиниката, но поради дополнителните придружни сериозни заболувања и тешката невроинвазивна форма на мозокот и мозочната обвивка, пациентот починал.

Од минатата недела во Скопје е прогласена епидемија на западнонилска треска во повеќе општини, а здравствените власти предупредуваат на зголемен ризик од ширење на заболувањето кое се пренесува преку убод на заразен комарец.

Вкупно четири лица починаа од западнонилска треска во земјава, а 15 се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.

– Тоа што и ние, како клиничари, го предвидувавме, се потврди кај 25-годишната пациентка, која се водеше како клинички суспектна. Се потврди невроинвазивна форма на инфекција. Но, во меѓувреме, во понеделникот вечерта е хоспитализиран и 24-годишен пациент, кој се води како суспектен случај и во текот на денешниот ден ќе знаеме дали ќе се потврди клиничката дијагноза. Тој живее во Центар, рече д-р Цана. Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали секој потврден позитивен случај мора да се лекува болнички или може да се третира амбулантски, рече дека невроинвазивната форма мора да се лекува болнички.

По изјавата на министерот за здравство, Сашо Клековски, дека гавраните се носители на вирусот и доколку граѓаните забележат пцовисана птица да се јават во АХВ, од таму велат дека на бесплатната телефонска линија, на електронската адреса и преку други канали во изминатите денови пристигнале стотина пријави од граѓани. Од АХВ апелираат да не се создава непотребна паника при појава на поединечна угината птица во урбана средина, вклучително и гаврани и други диви преселни птици.

„Особено внимание треба да се посвети доколку се забележат поголем број пцовисани гаврани или други диви преселни птици на исто подрачје и во краток период“ – наведуваат од АХВ. Апелираат до граѓаните што ќе забележат да ја известат надлежната служба и да избегнуваат директен контакт, допирање или преместување на мртвите птици.

– Агенцијата континуирано ја следи состојбата и согласно со процената на ризикот, ги презема потребните мерки за надзор, земање примероци и лабораториско испитување – велат од АХВ.

Паралелно со зголемениот број заболени и смртни случаи, Град Скопје и поголемиот дел од општините продолжува со дезинсекцијата. На 20 август е планирана нова теренска дезинсекција, на 21 август во раните утрински часови ќе се спроведе авионска дезинсекција, а од 23 до 26 август повторно ќе се третира од земја. Од Градот најавуваат дека до крајот на сезоната ќе има повеќе од 20 дезинсекции.

Опозицискиот СДСМ реагира дека во Драчево, каде што е прогласена епидемија и каде што се најголемиот дел од заразените, се организира кино на отворено.

„Додека другите земји прскаат уште од пролет, ставаат стапици, чистат легла и информираат граѓани, кај нас се чека да почнат да умираат луѓе, па потоа се држат прес-конференции. А сега, наместо да се засилат мерките, се организираат настани на отворено во епидемиско подрачје. Во Скопје долго се чека за прскање против комарци. Само од најавата за прскањето поминаа 6 дена, и тоа сега, во време на епидемија. Да нема епидемија, веројатно немаше ни да прскаат“, СДСМ обвини за колапс на здравствените институции. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ