-Нaстojуваме да бидеме присутни и видливи на сите етаблирани културни настани во меѓународен контекст, особено во големите европски престолнини. Република Македонија е составен дел од европскиот културен мозаик, а културата е токму она што нè спојува и нè идентификува во тој контекст, вели Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар за култура за манифестацијата „Денови на македонската култура“ која од почетокот на месецов се одржува во Белгија
Со балетската класика „Лебедово езеро“ во изведба на Балетот при Националната опера и балет, викендов во Антверпен, Белгија започна манифестацијата „Денови на македонската култура“ во организација на Министерството за култура и туризам. Настапот на македонскиот балетски ансамбл со кој преку висок уметнички израз и современа сценска естетика се афирмираше македонската балетска уметност на меѓународната сцена, беше поздравен со грологласен аплауз и воодушевување од белгиската публика.
Како што истакнува Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар за култура, презентацијата на македонската култура и афирмацијата на вредностите на нејзиното културно наследство, како и актуелното творештво, претставуваат врвен приоритет на Министерството за култура.

-Нaстojуваме да бидеме присутни и видливи на сите етаблирани културни настани во меѓународен контекст, особено во големите европски престолнини. Република Македонија е составен дел од европскиот културен мозаик, а културата е токму она што нè спојува и нè идентификува во тој контекст, вели Станчевска-Ѓоргова.
Додава дека во Белгија се претставуваат нашите врвни институции – Националната опера и балет, Џез оркестарот, како и филмски oстварувања на автори од младата генерација.

-По успешно одржаната претстава на Македонскиот балет во преполната сала на Stadsschouwburg во Антверпен, убедена сум дека направивме вистински избор. Исклучителната изведба беше пречекана од бројна публика (2.200) со овации и силни аплаузи. Очекуваме дека и останатите содржини во рамките на овие „Денови на македонската култура“ ќе имаат значителни и афирмативни ефекти за промоцијата на нашата држава. Токму одовде, од срцето на Европа, испраќаме силна порака дека македонската култура е жива приказна која обединува, инспирира и и поврзува, посочува таа.
Инаку, манифестацијата „Денови на македонската култура“ е исклучителна можност за промоција на богатото културно наследство и високото уметничко творештво на Македонија пред европската јавност. Програмата опфаќа внимателно одбрани содржини од различни области на културата кои ќе понудат уникатно доживување за публиката.

Притоа, на 4 мај ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески во киносалата Cinema Galeries во Брисел. Ова филмско остварување ја отсликува актуелната продукција и креативниот потенцијал на македонската кинематографија. На 5 мај, пак, Националниот џез оркестар со енергичен спој на македонска народна музика и современ џез ќе настапи во културниот центар Bozar.
До крајот на 2026 година, планирана е и изложба на Теракотни икони од Виница во Европскиот Парламент. Изложувањето на овие икони, кои претставуваат уникатна археолошка и уметничка појава во ранохристијанската уметност во Европа, е од исклучително значење за меѓународна афирмација на културното наследство на Македонија.
Манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија претставува можност за сите љубители на уметноста да ја почувствуваат автентичната енергија на македонската култура и се очекувам тоа да има значителни афирмативни ефекти за презентација на нашата држава во меѓународен контекст.












