Министерството за образование и наука, заедно со Бирото за развој на образованието, и оваа година организира „Еко час“ како дел од големата пролетна акција за чистење „Генералка викенд“, која ќе се реализира од 8 до 10 мај на над 600 локации низ сите општини во државата.
– На 8 мај ги повикуваме сите училишта да реализираат активности од прирачниците за образование за животна средина, со цел да ја поврземе наставата со практичната работа на терен. Веруваме дека грижата за животната средина се учи најдобро преку активно учество – чистење, пошумување и зачувување на природата. Ги охрабруваме сите одделенски и предметни наставници, раководители на класови, како и наставниците по биологија и хемија, да ги вклучат сите ученици во практични активности од прирачниците – велат од МОН.
Четирите прирачници нудат над 130 активности, со детални насоки и видео-упатства, а наставниците слободно можат да изберат дали активностите ќе се реализираат во училница или во училишниот двор.
– Ги повикуваме училиштата да споделат фотографии од активностите на социјалните мрежи и да ги означат со #екочас2026, за заедно да ја прославиме оваа пролетна акција и значењето на практичното еколошко образование – потенцираат од МОН.
„Генералка викенд“ е организиран од „Мен енд маунтен“, а Еко час е поддржан од УНИЦЕФ и Шведска.












