петок, јуни 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕ ИСПОЛНУВААТ ОБВРСКИТЕ ОД РЕФОРМСКАТА АГЕНДА: Изгласани законите за судска, за јавнообвинителска...

СЕ ИСПОЛНУВААТ ОБВРСКИТЕ ОД РЕФОРМСКАТА АГЕНДА: Изгласани законите за судска, за јавнообвинителска служба, за високи раководители…

Законот за судска служба е едно од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството усогласен со реформската агенда, а со Законот за јавнообвинителска служба се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и на ефикасноста на Јавното обвинителство, соопшти Министерството за правда

260

Повеќе предлози на закони беа усвоени вчера во македонското Собрание, како резултат на исполнувањето на обврските од реформската агенда и обврските на нашата земја во исполнувањето на условите во процесот на евроинтеграција. Парламентарно мнозинство денеска ги изгласа законите за судска и за јавнообвинителска служба. Пратениците од владејачкото мнозинство посочија дека законските решенија се донесени низ демократска процедура и дека во нив се инкорпорирани и двете крупни барања на засегнатите страни, во однос на нивниот статус и примањата. Наспроти ова, опозициските пратеници не ги поддржа законите, бидејќи, според нив, двете законски решенија не се реформски и со нив само декларативно се следат целите од реформската агенда.

– Станува збор за закон што е далеку од реформски, далеку од она што е предвидено со ееформската агенда. Имаме закон што само декларативно ги следи целите од реформската агенда. Наместо зајакнување на самостојноста на јавнообвинителската служба, во повеќе одредби се задржуваат механизмите преку кои извршната власт има влијание – рече Јована Тренчевска од СДСМ од собраниската говорница.

Реагираше пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека ќе бидеме држава што ги направила реформите најбрзо и најефикасно и што добива најмногу средства од ЕУ.

– Вие, како опозиција, имате две решенија. Првото решение е да излезете и да кажете дека сите овие законски решенија што се носат сега сте можеле да ги направите и вие, но не сте ги направиле. Бевме на опашката од земјите во Западен Балкан, денес сме први и предводиме. Второ, во однос на законските решенија, на најдемократски начин беа повикани сите оние што се поврзани со овие две законски решенија. Имаа две крупни забелешки: првата дека не сакаат да им биде скратен ниту еден денар од платата и не сакаа да го загубат статусот на судским односно јавнообвинителски службеници. Се случи да работиме до доцна и двете забелешки да ги усвоиме – рече Пренџов.

Министерството за правда вчера информира дека Законот за судска служба е едно од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството усогласен со реформската агенда.

– Најзначајната новина е издвојувањето на судските стручни службеници на начин што добиваат статус на посебни административни службеници, односно како посебна категорија вработени во судската власт со сопствен законски режим. Се воспоставува нов и пофункционален систем на класификација на работните места, преку дополнување на категориите, нивоата и звањата на судските службеници согласно со реалните потреби на судовите – наведува МП.

Со додава дека со Законот за јавнообвинителска служба се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на Јавното обвинителство.

– Особено внимание му е посветено на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници. Се воспоставуваат јасна вертикална кариера и реални можности за професионално напредување до највисоките раководни позиции во службата. Со законот значително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој добива пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените, што дополнително придонесува за изградба на професионална, независна и одговорна јавнообвинителска служба. Законот воведува нов систем за пресметка на платите, со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата – стои во соопштението од МП.

Претходно беше донесен и Законот за високи раководители со кој првпат се воспоставува единствена правна рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во државната управа и фондовите (членови на органите на управување и нивните заменици во органите на државната управа и фондовите, како и државните секретари во министерствата).

Беа изгласани и Законот за користење на енергија од обновливи извори и Законот за оружје. За предлог-закнот за парнична постапка, гласањето ќе биде дополнително закажано. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ