понеделник, јуни 15, 2026
Дома БАЛКАН Уапсен Македонец во Србија кој лажно се претставувал како доктор

Уапсен Македонец во Србија кој лажно се претставувал како доктор

19

Македонски државјанин е уапсен во Врање под сомнение дека се претставувал како лекар и измамил повеќе граѓани, земајќи им пари под изговор дека се потребни за лекување на нивни блиски.

Според српската полиција, припадници на Министерството за внатрешни работи во Врање, во соработка со Регионалниот центар на македонската гранична полиција, го привеле С.К. (56), државјанин на Македонија.

Тој е осомничен дека во периодот од 4 до 13 јуни годинава телефонски контактирал тројца жители од околината на Врање, претставувајќи се како лекар од Македонија. Во разговорите тврдел дека нивни блиски роднини биле тешко повредени и дека се потребни пари за нивно лекување.

Според истрагата, осомничениот потоа лично ги посетувал оштетените на нивните адреси и од нив земал поголеми суми пари, доведувајќи ги во заблуда.

По наредба на Основното јавно обвинителство во Врање, на осомничениот му е одредена мерка задржување до 48 часа поради сомнение за продолжено кривично дело измама. Тој ќе биде спроведен во надлежното обвинителство со кривична пријава.

Од полицијата апелираат до граѓаните кои примиле слични телефонски повици или биле жртви на ваков вид измама да се јават во Полициската управа во Врање на броевите 017/401-585 или 192.

ИЗДВОЕНИ