понеделник, јуни 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЗАКОНОТ ЗА СООДВЕТНА И ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Се бараат построги...

ЗАКОНОТ ЗА СООДВЕТНА И ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Се бараат построги казни за лажна етничка припадност при вработување во администрација

Пратеници, универзитетски професори, експерти и претставници на граѓански здруженија ги кажаа своите ставови во кои доминираше желбата со законското решение да се отстранат можностите за злоупотреба, кои се појавуваа во изминативе години, најмногу во периодот на примена на алатката „балансер“. – Прашањето за злоупотреба при изјаснувањето за идентитетот треба да се регулира поостро. Санкцијата треба да се зголеми на шест месеци за да се одвратат евентуалните сторители од манипулации – смета универзитетски професор Иван Стефановски    

119

Со прво читање на пленарна пратеничка седница и со јавна расправа на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во македонскиот Парламент, денеска почна процедурата на разгледувањето на предложениот закон за соодветна и правична застапеност. Додека пратениците дискутираа за законот во попладневните часови, на јавната расправа во собраниската Комисија доминираше оцената дека е потребен законот за соодветна и правична застапеност, но е потребно и подобрување на неговите одредби, особено кога се работи за казнувањето за лажно претставување како припадник на одредена етничка заедница, за проверка на тоа кој на која етничка заедница ѝ припаѓа при конкурирањето за работа во државниот јавен сектор. Пратеници, универзитетски професори, експерти и претставници на граѓански здруженија ги кажаа своите ставови во кои доминираше желбата со законското решение да се отстранат можностите за злоупотреба, кои се појавуваа во изминативе години, најмногу во периодот на примената на алатката „балансер“.

Еден од авторите на новото законско решение, универзитетскиот професор Јетон Шасивари, потенцира дека ова не е обичен закон, бидејќи го операционализира уставното начело за соодветна и правична застапеност, при што не се исклучува и критериумот за меритократија.

– Компетентноста е главен критериум за да се дистанцираме од досегашните вработувања со бројки. Законот е чувар на Уставот, оти не дозволува еднаквоста на етничките заедници да биде предмет на нечија добра волја. Соодветната застапеност ќе се базира на резултатите од последниот попис, а ќе се спречат досегашните манипулации со изјаснувањето за етничката припадност, кои ги имаше со „балансерот“ – потенцира Шасивари.

Тој додаде дека ќе се применуваат законските одредби на локално и на централно ниво.

– „Балансерот“ имаше недостатоци и немаше отчетност. Имаше голем клиентелизам, се блокираше компетентноста. Новиот закон го решава тоа. Што се однесува на изјаснувањето за етничка припадност, таа ќе се проверува преку личните документи за да не се дозволи некој, како порано, да се пријавува на огласи за три работни места како Македонец, како Албанец и како Турчин. Личните имиња со кои е запишан некој граѓанин во личните документи, врз основа на неговото барање, рефлектираат на неговата самоидентификација. На оние што ќе се обидат да го изиграат ова, нема да им биде дозволено да се кандидираат на огласите за вработувања во наредните три месеци – објасни Шасивари.

Пратеничката Белкиса Зеќири од опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ особено го проблематизира утврдувањето на нечиј етнички идентитет.

– Со предлогот се отвора можност државата да утврдува нечиј етнички идентитет врз основа на личните документи. Дали со тоа државата станува арбитер за нечиј идентитет? Прашањето на личното изјаснување за етничкиот идентитет треба да остане неприкосновено. Прашањето за самоидентификација треба да остане примарно. Освен ова, следењето на застапеноста се концентрира во редовите на извршната власт – рече Зеќири.

Агрон Демири од редовите на опозицискиот СДСМ рече дека нивна цел не е блокирање на законот, туку да се донесе што подобар закон, согласно со на демократските стандарди.

– Должност на Собранието е да донесе издржано, а не избрзано решение. Предложениот законски текст е со многу недостатоци и не ги застапува вредностите на концептот за еднаквост. Тој носи сериозен ризик од нов бран партиски вработувања. Правичната застапеност не смее да биде политичко средство, туку уставна вредност што ќе ги обединува граѓаните – нагласи Демири.

Дел од учесниците во расправата побараа да се заострат санкциите за оние што ќе се обидат да се пријават на огласите за вработување во државните служби со лажна етничка припадност. Универзитетскиот професор Иван Стефановски смета дека предвидената санкција со тримесечна забрана за учество на конкурси не е доволна.

– Прашањето за злоупотреба при изјаснувањето за идентитетот треба да се регулира поостро. Санкцијата треба да се зголеми на шест месеци за да се одвратат евентуалните сторители од манипулации. Предлогот на законот заслужува поддршка бидејќи се прави обид да се надмине „балансерот“. Потребно е и поголемо внимание кон вработувањето на припадниците на помалите етнички заедници во земјава, на Ромите, Власите, Турците, Србите… – рече тој.

И Артим Салиу, универзитетски професор, побара поостри санкции за злоупотребата со лажна етничка припадност.

– Потребни се јасни казнени одредби за непочитување на законските одредби. Не верувам дека сме на тоа ниво за веднаш да почнеме да го почитуваме законот. Потребни се соодветни казнени санкции. Тоа јасно го покажуваат искуството со камерите од системот „Безбеден град“ во сообраќајот и намалувањето на бројот на прекршоци. Етничката припадност треба да стои како задолжително изразување. Сегашното решение за утврдување на етничката припадност преку лични документи остава можност за злоупотреби – потенцира Салиу, додавајќи дека не се согласува со тврдењата дека вработувањата преку алатката „балансер“ биле незаконски и полни со злоупотреби. (Б. Ѓ.)

Oтстранување на нелитературните зборови „подзастепена и надзастапена“ заедница      

Претставникот на Народниот правобранител, Марјан Поњавиќ, рече дека новиот народен правобранител, Фатон Сељами, целосно го поддржува носењето на законот.

– Ние го поддржуваме законското решение и тоа треба да се поддржи и едногласно да се усвои во Парламентот. Тоа дава правна рамка и веќе нема да има можност за злоупотреби, кои беа присутни досега – рече Поњавиќ.

Тој укажа дека во текстот на законот има и зборови што не се во согласност со литературниот македонски јазик.

– Зборовите „подзастапена“ и „надзастепена“ заедница не се литературни. Треба да се заменат со зборовите „помала“ или „поголема застапеност“ – укажа Поњавиќ.

ИЗДВОЕНИ