Враќањето на легендарниот Лино Червар во македонскиот ракомет предизвика големо внимание во спортската јавност, а со пофални зборови за искусниот стратег се огласи и Кирил Лазаров. Селекторот на Македонија и тренер на РК Алкалоид истакна дека ангажманот на Червар во Еурофарм Пелистер е одлична вест за целиот домашен ракомет и дополнителен мотив за сите клубови и тренери во лигата да го подигнат нивото на уште поголемо скалило.
Лазаров потенцираше дека Червар е негов учител и човек од кого многу научил низ кариерата. Тој откри дека и понатаму имаат одлична комуникација и дека лично му честитал за новиот предизвик во Македонија.
- Доаѓањето на Лино Червар е добро за македонскиот ракомет. Тоа е одличен избор и сигурен сум дека таму ќе се работи квалитетно. Тој е мој учител, човек од кого многу научивме и како играчи и како тренери – изјави Лазаров за „Телма“.
Тренерот на Алкалоид смета дека присуството на Червар дополнително ќе го подигне нивото на македонскиот ракомет и ќе создаде уште поголема конкуренција во домашното првенство. Според него, сите ќе мора да работат уште подобро за да одговорат на предизвикот што го носи еден од најтрофејните тренери во регионот.
- Како што е одличен тој така и ние покрај него ќе мораме да бидеме уште подобри. Мене лично ќе ми биде потешко против него, бидејќи е поискусен и има освоено многу трофеи. Но, се надевам дека еден ден ученикот ќе биде подобар од учителот – додаде Лазаров.
Червар веќе има длабока трага во македонскиот ракомет, особено како тренер на Металург, со кој двапати играше четврт-финалето во Лигата на шампионите и освои повеќе домашни трофеи. Тој ја предводеше и ракометната репрезентација на Македонија, додека најголемите успеси во кариерата ги оствари со ракометната репрезентација на Хрватска, освојувајќи го олимпиското злато на Летните олимписки игри 2004 и светската титула на Светското првенство во ракомет 2003.
И покрај тоа што има 75 години, Червар и понатаму важи за едно од најголемите тренерски имиња во европскиот ракомет, а навивачите на Еурофарм Пелистер се надеваат дека неговото враќање ќе значи и враќање на клубот на самиот врв.











