Поранешниот шпански тенисер, Хуан Карлос Фереро, и покрај разделбата, и понатаму верува дека еден од најдобрите играчи на денешницата, Карлос Алкарас, има потенцијал да го достигне самиот врв и да стане најдобар играч на сите времиња. Искусниот тренер, кој со години беше дел од тимот на младата тениска ѕвезда, не го има променето мислењето за неговите квалитети, иако нивната соработка заврши во декември минатата година.
Алкарас веќе има седум освоени грен-слем титули и со само 23 години зад себе, има резултати за кои многумина тенисери може само да сонуваат. Сепак, оваа сезона не мина без проблеми. Поради повреда, ги пропушти Ролан Гарос и Вимблдон, додека на САД Опен беше елиминиран во четврт-финалето, од Бен Шелтон.
- Да, тоа го кажав уште тогаш и тоа што веќе не сум со него, не значи дека го имам променето мислењето. Тој ги поседува квалитетите, технички е на врвно ниво и веќе е еден од најдобрите во историјата. Ако ги задржи мотивацијата и дисциплината да го прави она што е потребно во секој момент, ќе има шанса – изјави Фереро за шпанска „Марка“.
Шпанскиот стратег наскоро би можел да почне ново поглавје во кариерата, бидејќи се очекува да му стане тренер токму на Бен Шелтон, човекот што го елиминираше Алкарас на последниот грен-слем турнир во сезоната.
Фереро смета дека Американецот има квалитет да се бори со најдобрите, вклучувајќи ги Алкарас и Јаник Синер. Како главни адути ги посочи неговиот агресивен стил и моќниот сервис, но нагласи дека за напредок, ќе мора да ја подобри константноста.
- Тој веќе се натпреварува на високо ниво. Погледнете го тоа финале, кое заврши со 7:6, 7:5. Со оглед на неговиот агресивен стил и на начинот на кој сервира, тешко е да се замисли дека лесно би загубил. Клучот е да се натпреварува константно во текот на целата година. Тоа е нешто што сè уште малку му недостига – објасни Фереро.
Во меѓувреме, шпанскиот тренер откри дека имал контакти и со други големи тениски имиња, но не сакаше да открие дали разговарал со Јаник Синер или со младата надеж, Рафа Ходар.
Фереро планира да го помине цел декември во Орландо, каде што ќе работи со Шелтон, на подготовките за новата сезона. Потоа ќе му се приклучи и една недела пред Австралија опен, првиот грен-слем во годината, кој е закажан за 17 до 31 јануари.











