понеделник, јуни 29, 2026
Дома СВЕТ Во Пекинг, секој зборувал за тоа што го боли: Трамп за Иран,...

Во Пекинг, секој зборувал за тоа што го боли: Трамп за Иран, Шји за Тајван

133
epa12955650 Chinese President Xi Jinping and U.S. President Donald Trump react near children during a welcome ceremony at the Great Hall of the People in Beijing, China, 14 May 2026. EPA/Maxim Shemetov / POOL

Според американското соопштение за средбата зад затворени врати, двајцата претседатели се согласиле дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје. Во кинеското соопштение, пак, Иран се споменува само површно, меѓу другите геополитички прашања, а акцентот се става на Тајван, прашање кое, како што рекол Шји, ако не се раководи правилно, „би ги турнало сите кинеско-американски односи во многу опасна ситуација“. Се шпекулира дека за време на посетата на Кина, Трамп може да се сретне и со севернокорејскиот претседател, Ким Џонг Ун

Белата куќа и Кина објавија многу различни извештаи за средбата меѓу претседателите Доналд Трамп и Шји Џинпинг што се одржа во четвртокот, на вториот ден од посетата на американскиот претседател на Пекинг. Клучниот состанок на двајцата лидери на економски најмоќните земји се одржа зад затворени врати, па во објавените соопштенија за јавност, секој се осврна на она што го „боли“. САД ги нагласи разговорите за Иран, додека Кина го истакна Тајван како „најважното прашање“, а Иран само бегло го спомена.
Американскиот извештај почнува со акцент на економската соработка и на врските, по што се додава дека Трамп и Шји разговарале за желбата да се запре „протокот на суровини за производство на фентанил“ кон САД. Според американското соопштение, се разговарало и за Иран. „Двете страни се согласија дека Хормускиот Проток мора да остане отворен за да се поддржи слободниот проток на енергија. Претседателот Шји, исто така, јасно го изрази противењето на Кина за милитаризацијата на протокот и на секој обид за наплата на патарина за негова употреба, и изрази интерес за купување повеќе американска нафта со цел во иднина да се намали зависноста на Кина од протокот. Двете земји се согласија дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Во кинескиот извештај, пак, Иран се споменува само накратко, меѓу другите геополитички прашања, иако американскиот државен секретар, Марко Рубио, во авионот за Пекинг изјави за „Фокс њуз“ дека Вашингтон сака Кина да преземе активна улога во решавањето на конфликтот со Иран. Но, наместо за Иран, во кинеското соопштение опширно се зборува за трговијата и за Тајван и само се наведува дека двајцата претседатели, меѓу другите меѓународни прашања, „размениле мислења“ за „ситуацијата на Блискиот Исток“. Како што пренесе агенцијата „Синхуа“, според Шји, правилното управување со прашањето за Тајван ќе овозможи стабилност на односите меѓу Кина и САД.

– Сепак, ако не се управува правилно, двете земји би можеле да се судрат или дури да дојдат во конфликт, што би ги турнало сите кинеско-американски односи во многу опасна ситуација, рекол Шји.
Не е тајна дека САД бараат помош од Кина за да го вратат Иран на преговарачката маса, а Кина, од друга страна, зазема повнимателен став и се обидува тивко и зад сцената да игра улога на миротворец, избегнувајќи директно вклучување во конфликтот.

На средбата на претседателите се разговарало и за економската соработка, но деталите за можните трговски договори не беа објавени. Трамп отпатува во Пекинг со голема делегација на бизнис-лидери, меѓу кои и основачот на „Спејс икс“, Илон Маск, кој со себе го понесе и својот шестгодишен син, како и првите луѓе на „Епл“, „Нвидиа“, „Боинг“, „Ситигруп“, „Голдман Сакс“, „Мастеркард“, „Виза“ и други. Пред патот за Кина, Трамп на својата социјална мрежа објави што ќе побара од кинескиот претседател Шји Џинпинг, пишува „Ројтерс“.

– Ќе го замолам претседателот Шји… да ја отвори Кина за да можат овие брилијантни луѓе да прават чуда, рече тој.
Шји го прими Трамп во Пекинг со официјална воена церемонија за добредојде, додека двете сили се стремат да ги стабилизираат односите по месеци трговски тензии. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја изгради својата политичка кариера на остар суров став кон Кина, сега го опсипа со пофалби својот домаќин, претседателот Шји Џинпинг. Трамп, се чини, бил особено импресиониран од величествениот пречек во Пекинг, одржан пред Големата народна сала, пишува Би-би-си.

Се шпекулира дали Трамп, за време на престојот во Кина, ќе се сретне и со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Неименуван функционер на јужнокорејското Министерство за надворешни работи изјави дека се чини дека нема подготовки за таков состанок, но дека можноста не може да се исклучи, пренесува јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“. Трамп и Ким последен пат се сретнаа во 2019 година во Демилитаризираната зона што ги дели двете Кореи.

ИЗДВОЕНИ