понеделник, септември 21, 2026
Дома КУЛТУРА Лауреатот Дан Лаустсен: Сè е борба кога правите филмови; Кинематограферите на Дел...

Лауреатот Дан Лаустсен: Сè е борба кога правите филмови; Кинематограферите на Дел Торо, Спилберг и Финчер одржаа предавања на „Браќа Манаки“

15

Лауреатите на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, данскиот кинематографер и добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, Дан Лаустсен; оскаровецот, познат по соработката со Стивен Спилберг, Јануш Камински и американскиот кинематографер и соработник на режисерот Дејвид Финчер, Џеф Кроненвет, за фестивалската публика во Битола одржаа мастерклас и работилница, каде што зборуваа за своите почетоци, за професионалното и животно искуство, како и за филмовите на кои работеле

 

Во првите денови на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во Битола се одржаа неколку предавања од страна на врвните светски кинематографери Дан Лаустсен, Јануш Камински и Џеф Кроненвет, кои се лауреати на фестивалот.

Дан Лаустсен – Кога бев дете не сакав филм

Годинашниот добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело, Дан Лаустсен, е дански кинематографер, познат по соработките со режисерите Чад Стахелски и Гиљермо дел Торо, за кои доби три номинации за наградата Оскар за најдобра кинематографија. Го сметаат за визуелен гениј на Холивуд. Роден е во 1954, активен е од 1978 година и има работено на повеќе од 60 меѓународни продукции. Книметографер е на филмовите „Обликот на водата“ (The Shape of Water), „Улица на кошмарите“ (Nightmare Alley), „Франкенштајн“  (Frankenstein), „Пурпурен врв (Crimson Peak), „Мимикрија“ (Mimic) – на режисерот Гиљермо дел Торо и вториот третиот и четвртиот дел на „Џон Вик“ (John Wick: Chapter 2, Chapter 3, Chapter 4) – на режисерот Чад Стахелски.

– Кога бев дете, воопшто не сакав филм, но сè се промени кога на 14-годишна возраст го добив првиот фотоапарат, кажа лауреатот Лаустсен, пред присутните во Кино Манаки во Битола, на мастеркласот што го одржа во рамките на фестивалот. На мастеркласот што го модерираше Златко Гелевски, Лаустсен зборуваше за своите почетоци во кинематографијата, како и за искуствата од снимањата на филмовите на кои работел. На присутните им порача дека низ животот ќе има ситуации кога некој ќе сака да ве премисли.

„Но, мора да го слушате вашето срце, тоа е многу важно. Сè е борба кога правите филмови. На првиот игран филм работев кога имав 25 години. Бевме мала екипа, но нема ништо лошо во тоа екипата да биде мала. Ако го правите тоа што го сакате, секој ден ќе бидете сè подобри. На почетоците и ние немавме пари, имавме многу малку сетапи“, додаде кинематограферот.

Зборувајќи за својот пристап во работата, тој рече дека лицата изгледаат многу помоќно кога светлото доаѓа од едно место, од еден правец. Тоа е една од препознатливите карактеристики на неговиот пристап кон осветлувањето. Лаустсен често користи „single-source lighting“, односно светлината доаѓа од еден доминантен извор и од јасно определен правец, наместо лицето да биде рамномерно осветлено од повеќе страни. За филмот „Улица на кошмарите“ објасни дека сакале осветлување со еден извор на светлина и многу директно светло.

За „Франкенштајн“, пак, вели дека не користеле дополнително осветлување и дека сакале осветлување со еден извор и длабоки сенки. Oвој филм е снимен со камера „ари алекса 65“ во голем формат. Благодарение на големиот формат, Лаустсен можел да биде многу блиску до актерите со крупен кадар, без лицето да изгледа изобличено. Тоа му овозможило еден кадар да започне како многу широка снимка на цел сет, а камерата потоа да се движи кон крупен кадар на актерот, без промена на леќата.

Јануш Камински: Љубовта кон филмот не е доволна, потребни се пари, екипа и шанса

Шест години по добивањето на наградата „Златна камера 300“ за животно дело во 2020 на „Браќа Манаки“, годинава во Битола е и американско-полскиот кинематографер Јануш Камински. И двојниот освојувач на наградата „Оскар“ за најдобра кинематографија за „Шиндлеровата листа“ (1993) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1998), пред публиката во Кино „Манаки“ во Битола одржа мастерклас и зборуваше за патот што го поминал за да стигне до врвот на филмската индустрија. Препознатлив по експресивната употреба на светлото, сенките и контрастот, Камински гради визуелен стил што не служи само за создавање естетика, туку и за продлабочување на атмосферата и емоцијата на филмската приказна. Неговата работа претставува значаен пример за тоа како кинематографијата може да стане составен дел од начинот на кој публиката го доживува филмот.

– Кога правиш филм, треба да знаеш дека мораш да молиш за пари, за екипа. Ако сакаш да бидеш забележан со филмот, рече оскаровецот. Пред присутните сподели и дел од своето професионално и животно искуство, од првите чекори во кинематографијата до создавањето на филмови што ја одбележаа современата филмска историја. Во раните години, снимал кратки филмови. Во периодот кога ги правел првите чекори, конкуренцијата била голема.

Но според него, љубовта кон филмот сама по себе не е доволна, т.е. за да се направи филм потребни се пари, екипа и можност да се добие шанса. Но, токму желбата да се создава е она што го водело низ кариерата.

„Сакам да го правам ова што го правам сè додека можам да си ја плаќам киријата. Го сакам ова што го правам, направив професионална кариера“, рече Камински. Зад успехот, сепак, стојат и лични жртви. – Некогаш мораш да избереш меѓу уметноста и семејството, рече тој.

Неговото име е неразделно поврзано со филмскиот јазик на режисерот Стивен Спилберг, со кого соработува повеќе од три децении. Неговата филмографија опфаќа бројни значајни остварувања, меѓу кои и „Амистад“, „Вештачка интелигенција“, „Минхен“, „Линколн“, „Шпионски мост“, „Вест Сајд Стори“ и „Фабелманови“.

Џеф Кроненвет: Беше прекрасно искуство кога гледав како татко ми го снима „Блејд ранер“

На годинашното издание на „Браќа Манаки“, американскиот кинематографер Џеф Кроненвет е добитник на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, со што неговото име се впиша меѓу големите кинематографери кои го добиле највисокото признание на фестивалот. Препознатлив е по долгогодишната соработка со режисерот Дејвид Финчер, со кого ги создаде визуелните светови на филмовите „Боречки клуб“ (Fight Club), „Социјалната мрежа“ (The Social Network), „Исчезната“ (Gone Girl) и „Девојката со тетоважа на змеј“ (The Girl with the Dragon Tattoo). За својата работа, тој доби две номинации за „Оскар“ за најдобра кинематографија, за „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Социјалната мрежа“.

– Како дете поминав многу време на сетови бидејќи татко ми беше кинематографер. Гледав, набљудував, сакав да гледам како екипата работи и сакав да бидам дел од тоа искуство, раскажа Кроненвет на работилницата што се одржа во Битола, во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, која ја модерираше Слаѓан Пенев.

Се потсети и на најраните моменти од своето детство, кога филмскиот сет бил дел од неговото секојдневие. Уште на десетгодишна возраст почнал да експериментира со камерата, снимајќи го својот брат и создавајќи мали сцени во кои, како што раскажа, се обидувал да прикаже и ефекти како повреда од куршум.

Џеф Кроненвет потекнува од едно од познатите кинематограферски семејства во Холивуд. Неговиот татко, Џордан Кроненвет, беше директор на фотографија на култниот филм „Блејд ранер“ (Blade Runner) од 1982, а Џеф уште во младоста почнал да работи на филмски сетови. Зборувајќи за периодот кога неговиот татко го снимал „Блејд ранер“, Кроненвет се присети на искуството одблизу да го набљудува создавањето на филмот.

„Кога татко ми го снимаше „Блејд ранер“, бев дел од тоа. Само што почнав на колеџ кога се снимаше тој филм. Тоа беше доста тежок филм, многу ноќи се снимаше. Гледав како снимаат, беше прекрасно искуство“, кажа Кроненвет.

Неговата сопствена кариера подоцна ќе го одведе меѓу најзначајните имиња на современата кинематографија. Кроненвет е познат и по својот придонес во развојот на дигиталната кинематографија, со визуелен пристап во кој светлото, сенките, композицијата и движењето на камерата се користат за создавање атмосфера и за изразување на внатрешната состојба на ликовите. (Н. И. Т.) Фото: Фестивал „Браќа Манаки“

ИЗДВОЕНИ