Народниот театар Битола, на 10 и 11 ноември, премиерно ќе ја изведе својата најнова претстава – „Татко“ од Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски. Претставата е дел од официјалната програма на Општина Битола по повод одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола. Со оваа премиерна изведба, театарот дава свој придонес кон одбележувањето на еден од најзначајните датуми во историјата на градот.
Освен режијата, Мицевски стои и зад сценографијата и костимите. Во претставата работена по делото на Август Стриндберг играат: Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Соња Михајлова.
Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, а испициент Оливер Петровски.
Се работи за длабоко потресна психолошка драма за распадот на интимноста, осаменоста, недовербата и кревките граници на моќта во семејството. Каде исчезнува љубовта кога меѓусебното разбирање ќе го заменат сомнежот и борбата за надмоќ? И колку далеку може да оди човекот кога ќе се соочи со сопствената ранливост?
Преку ова безвремено драмско дело, режисерот Благој Мицевски ги отвора прашањата за односот меѓу мажот и жената, за семејните односи и за трагедијата на човекот што постепено го губи тлото под нозете.
Што се случува со човекот кога ќе остари? Кога љубовта ќе се претвори во борба за моќ, а бракот во бојно поле на кое детето станува најневината жртва?
Особено значаен датум за НУ Народен театар Битола е и 14 ноември, кога се одбележуваат 82 години од постоењето на оваа институција. Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан со свеченото отворање на 12. издание на „Битола Шекспир фестивалот“, кој годинава ќе започне со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел. Оваа претстава ќе ја има својата прва премиерна изведба во матичната куќа токму на отворањето на фестивалот. „Кориолан“ е дело кое првпат се поставува на театарските сцени низ Македонија.
Инаку, годинашното издание на фестивалот ќе го збогатат театарски продукции и учесници од Италија, Ерменија, Соединетите Американски Држави, Романија, Грузија и Малта.
Присуството на театри и уметници од шест држави уште еднаш ја потврдува меѓународната позиционираност на „Битола Шекспир фестивалот“ и неговото значење како релевантна меѓународна театарска платформа која ја поставува Битола на светската театарска мапа.
Воедно се подготвува и претставата „Ни треба пејачка“, во режија на Ненад Витанов. Дејството се одвива во 1934 година, во хотелски апартман во Кливленд, каде што сè е подготвено за настапот на светски познатиот тенор Тито Мерели. По низа комични недоразбирања, неговата сопруга го напушта, а откако тој зема преголема доза апчиња, менаџерот помислува дека е мртов. За да се спречи скандал, помошникот Макс се маскира како тој да е тенорот и настапува наместо него. Но, вистинскиот хаос почнува кога се буди вистинскиот тенор и тргнува кон театарот, предизвикувајќи низа забуни со идентитетите што траат до самиот крај.
Во претставата играат Валентина Грамосли, Кристијан Танчевски, Анастасија Трајковска, Александар Димитровски, Сандра Грибовска и Јулијана Мирчевска.
Премиерата е закажана за 12 декември.
Со овие активности, Народниот театар Битола продолжува да ја исполнува својата мисија во развојот и промоцијата на театарската уметност, негувањето на домашното творештво и воспоставувањето меѓународни културни соработки, истовремено потврдувајќи ја својата улога како значаен културен чинител во земјата и пошироко. (Д.Т.)












