Идејниот проект предвидува две можни траси во должина од 39 и 40 километри, со проектирана брзина до 110 километри на час. Со новата сообраќајница, патувањето од Кочани до Делчево, наместо сегашните 50 минути, би траело околу половина час. Конечната траса дополнително ќе се утврдува, а идејното решение и физибилити-студијата треба да бидат готови на почетокот на следната година. Проектот се очекува да ја подобри поврзаноста и да го поттикне економскиот развој на Источниот Регион

Нов експресен пат ќе ги поврзува Кочани преку Виница до Делчево, а со неговата изградба, патувањето меѓу градовите во источниот дел на земјава би се скратило речиси двојно. Идејното решение за оваа значајна инфраструктурна инвестиција беше претставено пред јавноста во Делчево, каде што беа разгледани можните траси и техничките карактеристики на идната сообраќајница.
Проектот предвидува изградба на модерен експресен пат со по една лента за секоја насока, при што коловозот ќе биде широк седум метри, а проектираната брзина на движење ќе изнесува до 110 километри на час.
Во моментов се разгледуваат две можни решенија за трасата. Првата варијанта е долга околу 39 километри и минува преку Драгобраште и Бигла, додека втората, со должина од околу 40 километри, предвидува поврзување преку Калиманско Поле и Илиово. Според досегашните анализи, трасата преку Бигла има одредени технички и економски предности, но конечната одлука ќе биде донесена по дополнителни испитувања и разгледување на двете можности.
Изградбата на новиот пат треба значително да го олесни движењето на граѓаните и транспортот на стоки. Наместо сегашните околу 50 минути возење по постојниот пат, со новата сообраќајница патувањето би траело приближно половина час.
Проектот е прогласен за стратешки важен, а во неговата подготовка се вклучени Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт. Идејниот проект и физибилити-студијата треба да бидат завршени на почетокот на следната година. Потоа ќе следуваат планирањето на финансиските средства и изборот на изведувач за проектирање и изградба.
Новата патна врска се очекува да донесе подобра поврзаност на Источниот Регион, полесен транспорт и дополнителни можности за економски развој.
На презентацијата на проектот присуствуваше и градоначалникот на општина Делчево, како и дел од стручната администрација во ЕЛС Делчево.
Во Делчево поставена сеизмолошка опрема за следење на земјотресите
Во атарот на село Тработивиште, во близина на Пречистителната станица за вода, е поставена сеизмолошка опрема за следење и регистрирање на земјотресите со што се овозможува подобро следење на сеизмичката активност во овој регион.
Опремата е обезбедена и поставена од страна на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет, како дел од активностите за унапредување на сеизмолошкиот мониторинг и прибирање податоци за земјотресите. Поставувањето на опремата е особено значајно ако се има предвид дека Делчево и Берово припаѓаат на источно-македонската сеизмогена зона во која се регистрираат сеизмички активности.












