среда, ноември 11, 2026
Дома СВЕТ Латвија и Литванија ги повикаа граѓаните да побараат засолниште, Финска го затвори...

Латвија и Литванија ги повикаа граѓаните да побараат засолниште, Финска го затвори својот воздушен простор.

0
EPA/DARYNA NAUMOVA

Аларм беше активиран откако неидентификувани беспилотни летала (БПЛ) навлегоа во воздушниот простор на балтичките држави во текот на ноќта и утрото. Властите во Латвија и Литванија упатија итен повик до жителите во неколку региони да побараат засолниште, наведувајќи ја како причина широката закана од неидентификувани беспилотни летала кои навлегле во нивниот воздушен простор во текот на ноќта и утрото.

Со оглед на сериозноста на ситуацијата и повредата на воздушниот простор на земјите-членки на Алијансата, беа подигнати борбени авиони на НАТО задолжени за воздушна одбрана, пренесува „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Борбени авиони на НАТО направија два обида да соборат беспилотно летало кое во текот на ноќта навлегло во литванскиот воздушен простор од правец на Белорусија, но обидите биле неуспешни, пренесува „Танјуг“. Според литвански воени претставници, една од истреланите ракети паднала во областа Биржај.

Во моментов нема официјални извештаи за повредени лица или материјална штета на земјата, а сепак, литванските органи за управување со кризи потврдија дека безбедносниот аларм и наредбата за барање засолниште важат и за Каунас – вториот по големина град во земјата, со население од речиси 300.000 жители. Во меѓувреме, во средата наутро, Финска воведе привремени и итни ограничувања за воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив, соопштија Финските одбранбени сили на социјалната мрежа „Икс“ (X).

Украинските беспилотни летала ги промашија руските цели

Финските воени претставници нагласија дека станува збор за мерка од чисто претпазливи причини, чија цел е заштита на цивилното население и овозможување на надлежните органи и системи ефикасно да одговорат на потенцијалните закани – вклучително и уништување на беспилотните летала што се движат по таа рута.

Овие безбедносни мерки во Северна Европа се спроведени во време кога Вооружените сили на Украина изведуваат напади од голем обем со беспилотни летала врз руски цели во северозападниот дел на земјата – регион каде што се наоѓаат стратешки важни руски извозни капацитети долж брегот на Балтичкото Море, како и големи рафинерии за нафта.

Поради големите растојанија и електронското попречување, некои украински воени беспилотни летала во последните месеци ги промашија планираните економски цели во Русија и навлегоа длабоко во воздушниот простор на Финска, Естонија, Латвија и Литванија. Ова предизвика сериозна вознемиреност и стравувања дека војната во Украина би можела да се прелее – директно и неконтролирано – во земјите-членки на НАТО кои граничат со Русија и нејзиниот сојузник, Белорусија.

ИЗДВОЕНИ