ЕВРОКОМЕСАРКАТА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ЈУЛИ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ
Една година по контроверзната изјава за идентитетот и пинџурот, еврокомесарката Марта Кос повторно доаѓа во Скопје. Нејзината посета следува само неколку недели по престојот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и се вклопува во засилената дипломатска активност на Брисел кон Македонија и регионот на Западен Балкан. Од европските претставници сѐ почесто се слуша дека проширувањето повторно е високо на агендата на Унијата, но Скопје и натаму бара појасни гаранции дека нема да се појават нови условувања на патот кон ЕУ
Точно една година по посетата што предизвика бурни реакции во македонската јавност, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, повторно доаѓа во Скопје. Нејзината посета, најавена за почетокот на идниот месец, вчера ја потврди премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за редовна обиколка на регионот и отфрлајќи ги обвинувањата дека Владата е дипломатски изолирана. Посетата на Кос следува само неколку недели по престојот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и се вклопува во засилената дипломатска активност на Брисел кон Македонија и регионот на Западен Балкан. Но, за разлика од вообичаените европски посети, доаѓањето на Кос се следи со особено внимание, бидејќи лани токму во Скопје таа порача дека идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување и го илустрираше преку пинџурот, тавче-гравчето и полнетите пиперки. Изјавата тогаш предизвика критики дека европските претставници ги поедноставуваат чувствителните идентитетски прашања во момент кога се води спорот со Бугарија околу историјата, јазикот и националниот идентитет. Денес, една година подоцна, со непроменети позиции околу уставните измени и застојот во евроинтегративниот процес, нејзината нова посета повторно отвора очекувања за поконкретни пораки од Брисел за македонскиот пат кон Европската Унија.
– Еврокомесарката за добрососедска политика и проширување, Марта Кос, ќе престојува во земјава во рамките на редовната обиколка на регионот. Според опозицијата, Владата била изолирана, а како таква изолирана, јас во рок од два месеци остварив билатерална средба со турскиот претседател, со францускиот претседател и со германскиот канцелар. На билатерална посета беше хрватскиот премиер, јас бев на билатерална посета со австрискиот канцелар и беше претседателот на Европскиот совет тука, во Скопје, сето тоа за само два месеци. Сега ќе дојде и комесарката за добрососедска политика и проширување, Марта Кос, на редовна обиколка на регионот – изјави премиерот Мицкоски вчера.
Со особено внимание се следи најавената посета на еврокомесарката Марта Кос во Скопје, откако лани нејзините пораки предизвикаа силни реакции во македонската јавност. При својот престој во Скопје во јули минатата година, еврокомесарката, зборувајќи за идентитетските прашања, изјави дека идентитетот „не може да биде предмет на политичко одлучување“ и дека тој се огледа во традицијата, јазикот, манастирите, но и во „погачата, тавче-гравчето, пинџурот и полнетите пиперки“.
– Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца… како се грижиме за нашата традиција, манастирите, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… и никој не може да ви го одземе ова вам, Македонците – порача тогаш Кос на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавата предизвика бројни реакции во јавноста, бидејќи дел од политичарите, аналитичарите и граѓаните оценија дека идентитетските прашања се сведуваат на гастрономија во момент кога спорот со Бугарија се однесува на историски, јазични и национални теми. На истата прес-конференција, премиерот Мицкоски возврати дека македонскиот идентитет не е само традиционалната кујна туку и историските личности и настани.
– За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев и Јане Сандански – рече тогаш Мицкоски.
Токму затоа и сегашната посета на Кос се следи низ призмата на нејзините претходни пораки кон македонската јавност, особено во делот на гаранциите за евроинтегративниот процес и чувствителните прашања поврзани со идентитетот и со јазикот.
Засилена дипломатска активност на Брисел
Посетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во Скопје доаѓа во период на засилена дипломатска активност на Европската Унија кон регионот на Западен Балкан. Само неколку недели претходно, во земјава престојуваше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а регионалната агенда беше во фокус и на самитот меѓу европските лидери и лидерите од Западен Балкан во Тиват.
Од Брисел во континуитет се испраќа порака дека проширувањето повторно е високо на европската агенда.
– Потребен ни е Западен Балкан во Европската Унија и затоа мора да го искористиме актуелниот моментум – порача Кошта при посетата на Скопје, оценувајќи дека иднината на регионот е во Унијата.
Претседателот на Европскиот совет на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Скопје повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Кошта порача и дека единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите.
– Она што било договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговcки партнер. Остануваме да ве поддржиме и политички и финансиски, но на крајот моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце – изјави Кошта.
Јасни политички гаранции
Во меѓувреме, македонскиот државен врв ги интензивираше контактите со клучните европски престолнини. Премиерот Христијан Мицкоски, по средбите со францускиот претседател, Емануел Макрон, и со германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека гледа простор за придвижување на процесот, но остана на ставот дека нема да има уставни измени без јасни политички гаранции од европските партнери. Мицкоски порача и дека Македонија не може да влегува во нови условувања надвор од веќе договорените рамки и дека продолжува дијалогот со клучните европски лидери, но на принципиелна основа.
Од друга страна, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по разговорите во Софија со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, изјави дека од бугарска страна се отвораат и други прашања покрај внесувањето на Бугарите во Уставот.
– Стана јасно дека не станува збор само за уставните измени туку и за други теми што се поставуваат во билатералните односи – рече претседателката.
Токму затоа посетата на Марта Кос се следи како дел од пошироката европска дипломатска офанзива насочена кон деблокирање на процесите во регионот. Прашањето е дали ќе биде доволно засиленото присуство на европските претставници за да се надминат разликите меѓу Скопје и Софија и за да се создаде простор за продолжување на македонските евроинтеграции.
Иако надежите во Владата се насочени кон можни нови европски иницијативи, засега останува на сила преговарачката рамка усвоена во 2022 година. Идеите за забрзана интеграција и постепено вклучување во европските политики, главно, се однесуваат на земји што веќе активно напредуваат во пристапните преговори, додека Македонија и натаму се соочува со политичкиот спор, кој го блокира отворањето на следната фаза од преговорите. (В. С. Н.)












