Според нацрт-меморандумот за разбирање со САД, Иран се обврзал да не произведува ниту да стекнува нуклеарно оружје, изјави висок ирански функционер. Информациите за наводниот договор доаѓаат од ирански извори, додека американската страна досега не коментираше, објави Скај њуз.
Според иранскиот функционер, деталите за тоа како да се справи со постојните залихи на збогатен ураниум треба да се договорат во следните 60 дена. Иран, сепак, инсистира процесот на разредување на нуклеарниот материјал да се спроведе на негова територија.
Клучен елемент на договорот е деблокирањето на Ормускиот теснец од страна на Иран, како и укинувањето на американската поморска блокада на иранските пристаништа. Ирански функционер тврди дека договорот вклучува и ослободување на замрзнати ирански средства во вредност од 25 милијарди долари, кои САД би ги деблокирале.
Во меѓувреме, катарските преговарачи пристигнаа во Техеран за да помогнат во финализирањето на договорот што треба да го заврши конфликтот меѓу САД и Иран. Катар и Пакистан посредуваат меѓу двете страни во последните месеци, а американските и пакистанските функционери посочија дека договорот би можел да биде потпишан уште денес.












